Која е најголемата цел на премиерот Мицкоски
Ќе престанат ли премиерот Мицкоски и владините министри конечно со лагите дека врвен државен интерес е членството на Македонија во Европската унија и дека и натаму евроинтеграцијата останува најголемата и цел на оваа власт. Нивната највисока определба е партискиот интерес, а тоа е да победат на локалните избори и да освојат апсолутна власт и да воспостават режим. ВМРО-ДПМНЕ не може да функционира ако не владее авторитарно и ако нема измислени непријатели и предавници.
Очигледно е дека предизборната коруптивна кампања е во полн ек со нови задолжувања од стотици милиони евра. Реформите и членство во ЕУ можат да почекаат уште некоја деценија е нескриената опасна доктрина на губење скапоцено време и пропуштање на шансата која ја предизвикаа големите геостратегиски промени во светот. Домашната блокада на почнатите преговори со ЕУ остануваат и натаму на сила додека конечно целосно не се обезвреднат постигнатите резултати за кои мислевме погрешно дека се доведени до точка од која нема враќање. Но, ете, ВМРО-ДПМНЕ и тоа може да го постигне и да ја врати државата на почетна позиција во односите со ЕУ со уште понеповолни условувања, како што и се случуваше во изминатите три децении.
Гледано од денешен аспект доколку имавме консензус околу првичните отстапки кои ни беа наметнати денес Македонија можеше да биде членка на НАТО и на ЕУ уште пред 15 години со промена на уставното име само за надворешна употреба и без задирање во други билатерални уцени и историски комисии. Имавме извонредни ситуации за кои требаше поголема храброст во трката кој побрзо ќе стане членка на ЕУ, па ние да поставуваме услови на тие што денес ги злоупотребуваат статутарните одредби на ЕУ.
До каде стасува визијата на владата?
Во зависност од големината на победата на комуналните избори можни се и предвремени парламентарни избори. Ете, до таму стасува „визијата“ на владата за иднината на Македонија која на патот на прогресот и европеизацијата е вовлечена во катастрофална неизвесност.
Сегашните изнасилени драматични изјави дека врвен државен приоритет се реформите, преговорите и членството во ЕУ е трагокомичен обид да се пресретнат и обезвреднат вестите дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија се со голема извесност новите членки на ЕУ. Како што ќе се потврдува оваа вистина, за која до неодамна се тврдеше дека е лага и дека ќе нема нема проширување на ЕУ, така во Македонија ќе се драматизираат во јавноста партиските кампањи за лицемерната протекционистичка Европа. Ќе се леат повторно солзи за големата неправда на вавилонската ороспија. Ќе се плаче за велепредавствата на националните интереси, за изгубениот идентитет, иако никој не го изгуби, за јазикот „откорнат“, иако е на своето место на светската лигвистичка мапа, за промена на името на државата и на славната ни историја, иако си остана суштинското име со географската додавка северна која и натаму останува единствена држава во светот која го носи името Македонија.
Во немање идеја како да се постигне консензус за отстапките се обвинува слабата опозиција која со ништо не може да ги попречи одлуките кои се неопходни за продолжување на преговорите со ЕУ и спроведување на реформите. Власта и нивните медиуми силно и срамно удираат по опозицијата која прифати јавно да ги поддржи уставните промени. Стравот на власта е дека така ќе се откријат големите предизборни лаги за „велепредавствата“ со прифаќање на договорите со Грција и со Бугарија, без оглед што уставните промени доколку се стават на дневен ред во Собранието можат да се донесат речиси едногласно и што Бугарите ќе бидат признати како малцинство со еднакви права и обврски како и сите 11 делови од народи што живеат во Македонија. Се бараат гаранции од Брисел и од Бугарија дека ќе нема други вета при преговорите, а се премолчува дека најсилната гаранција за членство во ЕУ се успешно спроведените реформи кои се влезени во сите партиски и владини определби, а кои никако да се спроведат.
Што ќе се случува по влезот на Албанија во ЕУ
Само малкумина мислечки луѓе, јавни личности и новинари ги поставуваат вистинските прашања на кои ниту премиерот, ниту владата, ниту владејачките партии даваат рационален одговор. Што ќе се случува во Македонија по влезот на Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија и со тоа да престане приемот на нови членки на неопределено време.
Колку и да изгледа невозможно гледано од денешен аспект на состојбите Србија може да стаса пред Македонија како членка на ЕУ. Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ до неодамна тврдеа дека Албанија нема шанси да ги почне преговорите пред Македонија. Но, тоа се случи. Тие функционери тврдеа дека членството на Албанија во ЕУ е речиси невозможно. А вчера претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта изјави дека има големи шанси Албанија и Црна Гора да влезат во ЕУ и пред 2030 година. Во политиката таквите пресврти се случуваат преку ноќ поради геостратегиските интереси на големите сили кои оваа власт не ги препознава, а и тоа што добро го знае, го игнорира.
Закоравениот став на Македонија да не се донесат уставните измени уште повеќе ќе ги ослабнат нејзините позиции, по што ќе уследат нови фактури и условувања. Наместо залудно да изигруваме лажни јунаци и патриоти само за домашни потреби влечејќи за уши и навредувајќи ги високите функционери на ЕУ многу покорисно за државните интереси е да се размисли за последиците од таквата разврска на уште една испуштена голема шанса да се извлечеме од балканската калдрма. Цената на изгубените шанси и придобивки од членството во ЕУ е многу поголема од наметнатите отстапки.
Премиерот и владината коалиција немаат навистина поголем државен интерес од спроведување на реформите и продоложување на преговорите со ЕУ за членство на Македонија, но на тоа треба и да поработат, а не да ја лажат јавноста и да поставуваат услови на ЕУ. За тоа имаат отворена поддршка и од опозицијата и понудена рака за консензус што досега ниту еднаш не се случило во Македонија кога ВМРО- ДПМНЕ било во опозиција. Напротив. Сите обиди за тоа завршувале со блокади и тревоги за изгубениот идентитет. Идентитетот не го изгубивме, ама на добар пат сме да се збогуваме со Европа и да го изгубиме патот во сопствениот двор.
Има уште неколку клучни прашања на кои премиерот Мицкоски и коалициските партнери треба сериозно да се замислат и да најдат одговори. Дали Арбен Таравари и Алијанса ја напуштаат коалицијата на власт само поради локалните избори и соработката со ДУИ, или во прашање е и блокадата на владата на преговорите со ЕУ. Трипартитната „Вреди“ својата цврста определба за членство во ЕУ, како еден од главните предуслови за партнерство со ВМРО-ДПМНЕ, како да заборави на ова ветување и својата политичка активност главно ја насочи кон натамошна пресметка со опозициската ДУИ и со попуштање за укинувањето на некои стекнати позиции со видлива сервилност кон доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ.
И „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ се ужаснати од евентуална соработка на Таравари со ДУИ. Би бил многу интересен одговорот на премиерот Христијан Мицкоски дали во некои други околности би соработувал со ДУИ и би стапил во коалиција ако по вонредни парламентарни избори резултатите на двете политички партии овозможуваат комотно мнозинство во Собранието. Ако се земат предвид досегашните искуства на долгодишна децениска поделба на владата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ тоа би било изненадување само за наивните.(nezavisen.mk)
Ерол Ризаов