Сиљановска не успеа да го искористи политичкиот капитал
Македонската претседателка мандатот го почна со седење во Берлин заедно со Фон дер Лајен, Зеленски и тогашниот премиер Шолц, но не успеа да го искористи политичкиот капитал што ѝ беше даден в раце. Пишува Соња Крамарска
Измина една година од изборот на професорката Гордана Сиљановска Давкова за претседателка на државата, и веќе може да се оценат нејзините политики. Освен што е прва жена на највисоката функција во државата, Сиљановска не отстапува многу од нејзините претходници во вилата Водно: се движи по периферијата на политичките збиднувања и внимава да не се замери со Владата.
Прегледот на нејзиниот времеплов на Фејсбук покажува дека претседателката најмногу време потрошила во учество на 150-тина домашни настани, стотина средби во кабинетот а за дочеци и испраќања како и по други поводи примила и околу 70 амбасадори. Анализата на настаните и случувањата за кои има записи на социјалната мрежа отсликува дека Сиљановска во изминатата една година како претседателка на државата повеќе го преферирала церемонијалниот и протоколарниот отколку политичкиот дел од функцијата. Претседателските посети и средби беа прилично ретки, освен посетата на Бугарија, на Азербејџан, на Црна Гора и официјалната посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќкој неодамна беше во Скопје.
Сиљановска имаше добар почеток како претседателка. Еден од првите настани на кој што отиде беше Конференцијата за обнова на Украина што се одржа во Берлин на која организаторите Германија и Украина и дадоа почесно место во првиот ред заедно со домаќините Олаф Шолц и Володимир Зеленски, како и Урсула Фон дер Лајен. Таа се најде во првиот ред и на таканареченото фемили фото од настанот каде покрај домаќините беше и идниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте. Меѓутоа подоцнежните настани покажаа дека таа не успеа да го искористи тој политички капитал што ѝ беше даден в раце. Не ги освои ни регионот ни Европа со нејзиниот професорски шарм и женска елеганција, па забележливо отсуствуваа покани за претседателски посети.
Неприфатени покани од Макрон
При нејзиниот избор за претседателка, францускиот претседател Емануел Макрон на македонски јазик порача: „Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. На Гордана Сиљановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за претседател. Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина“. И Сиљановска му возврати: „Се надевам дека Вашата поддршка ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски“.
Консензусот за реформи го нема а изостана и соработка со Франција. Сиљановска не ја прифати поканата на Макрон да присуствува на отворањето на Олимпијадата во Париз, со невообичаен изговор дека професори од ПМФ и побарале финансиска помош за учество на наши натпреварувачи по математика и физика во странство и таа решила ним да им излезе во пресрет. Исто така таа не присуствуваше и на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз за што исто така доби покана од Макрон. Изговорот беше дека настанал дефект на владиниот авион со кој требало да одлета таму.
Таквите случувања покажаа дека светот беше подготвен за Сиљановска но Сиљановска не беше подготвена за светот.
Во меѓународни рамки таа преферира да биде професорка наместо претседателка, често цитирајќи им на соговорниците латински правни поговорки. Нејзина омилена фраза е: „Ако зборуваме за Pacta sun servanda, тогаш да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени“. Претседателката имаше околу десетина обраќања во странство. Присуствуваше на високопрофилни настани како што беа погребот на папата, Глобалниот форум и климатскиот самит во Баку, Азербејџан, 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, генералното собрание на Обединетите Нации, Самитот за мир во Украина што се одржа во Швајцарија, состанокот Брдо-Бриони во Тиват и други, каде се сретна и се ракуваше со бројни претседатели. Но тоа не вроди со градење на поблиски релации.
На линија со Владата
Претседателката не доби релевантност ниту во политичкиот живот дома, останувајќи во орбитата на Владата за најсуштествените прашања – ЕУ интеграцијата и меѓуетничките односи. Таа во интервју по повод една година на функцијата покажа благост кон Владата, одговарајќи на критиките дека нема резултат, со зборовите: „Не можете вие за една година, ниту сум јас Питија ниту е премиерот Мерлин, ниту е г-динот Гаши исто така волшебник, значи не можете да направите. Но, така се почнува, се гледа. Ни волшебници не можат да направат трансформација за една година“.
Претседателката Сиљановска го почна мандатот со одбивање да го каже уставното име на државата Северна Македонија, со што ги доведе на раб односите со Грција, а загриженост од таквиот развој на настаните искажаа и повеќе европски лидери. Таа остана доследна на тоа и во периодот кој следеше. По прашањето за уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со ЕУ таа заедно со премиерот и владејачката ВМРО-ДПМНЕ го застапуваат таборот на тврдите противници за исполнувањето на овој услов.
„Замислете, ние треба да посегнеме врз уставни одредби, врз основа на став или записник, односно врз основа на протоколи потпишани од двајца, наш и од бугарска страна министри за надворешни работи“, рече таа во неодамнешното интервју за МРТ. На коментарот на еврокомесарката Марта Кос дека Македонија е тажна приказна во евроинтеграциите, Сиљановска одговори: „Тажна е приказната и на европската демократија“.
Но сепак Македонија е далеку потажна приказна од европската, а тука се и најавите дека Албанија и Црна Гора се на чекор до членство во ЕУ, што ќе ја зајакне агонијата и чувството на бесперспективност во нашата држава. Претседателката Сиљановска заедно со Владата го држат клучот и одговорноста за иднината на Македонија.