Симпозиум на МАГО во рамки на „Сакај се себеси. Сакај го своето здравје!“ – Неделата на женското здравје
Под мотото „Сакај се себеси. Сакај го своето здравје!“ оваа година од 12 до 19 мај Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, ја одбележува Неделата на женското здравје, а денеска во рамки на одбележувањето ќе се одржи симпозиум и прес-конференција во Скопје.
Преку низа стручни и јавно-здравствени активности, се посочува во соопштението од МАГО, асоцијацијата има за цел да го истакне значењето на женското здравје и да го унапреди пристапот до здравствени услуги за жените од сите делови од нашето општество.
На прес-конференцијата што ќе ја одржат проф. др. Глигор Тофоски, претседател на МАГО, проф. др. Ирена Алексиоска-Папестиев, директор на Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје и проф. др. Славица Арсова, директор на Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје, како што е најавено, ќе биде промовиран и новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепцискиот и перинаталниот период, наменет за здравствени професионалци, пациенти и семејства израобтен во соработка со УНФПА – Фондот за население на Обединети Нации.
– Прирачникот претставува значаен ресурс за: подигнување на свеста кај здравствените работници за значењето на грижата за менталното здравје на жените во перинаталниот период. Обезбедување мерки за превенција на нарушувањата на менталното здравје во перинаталниот период. Идентификација на фактори на ризик и ранливи групи. Унапредување на професионалните способности во раното препознавање на симптомите, адекватен менаџмент и терапија. Охрабрување на мултисекторска соработка и тимска работа преку групни дискусии. Психолошките аспекти на транзицијата кон родителство – клучен елемент на перинаталното ментално здравје, се наведува меѓу другото во соопштението.
МАГО со промоцијата на новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепциски и перинатален период, се додава во соопштението, прави значаен чекор кон системска поддршка и унапредување на менталното здравје кај жените во најосетливите периоди од нивниот живот.