Слободан Трендафилов: Функционери со плати од 2.000 евра не можат да манипулираат работници со гладни стомаци
На 1 Мај, наместо на марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) протестираше, а причини за големиот протест беа најниските плати во регионот, кои не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори додека владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите други плати за најмалку 100 евра.
Во интервју за „Фокус“, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, а не од политика и масовно да излезат да го искажат незадоволството.
ФОКУС: Ги повикавте сите синдикати, наместо на скара, да излезат на протест. Колкава бројка очекувате?
ТРЕНДАФИЛОВ: Очекуваме сите оние што му мислат добро на работникот, да излезат заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на протестот на 1 Мај, кој ќе почне точно во 11 часот пред Работничкиот дом. Ќе бидеме и пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата за да ги упатиме пораките на работниците. А тоа се: минималната плата да биде најмалку 500 евра, а сите други да се покачат.
Луѓето што го поддржуваат ССМ, ќе дојдат, но очекуваме и сите оние луѓе што сметаат дека платите им се ниски, што сметаат дека работодавачите ги омаловажуваат, дека не ги ценат доволно нивните работни места, да се придружат од една причина: денеска е време кога нѐ бројат и нѐ пребројуваат, не само за репрезентативноста, туку и колку луѓе ќе излеземе на протест.
Ветивме дека ќе излеземе 300 луѓе, членови на органите и телата на ССМ, три недели пред почетокот на мајскиот протест. Излеговме колку што ветивме, меѓутоа политичките партии веднаш почнаа да калкулираат дека таа бројка била недоволна и дека требало да има повеќе луѓе.
Меѓутоа, тоа беше во работен ден, со симболична порака дека не е веќе пет до 12, туку 12 и 5, односно платите требаше да се зголемат вчера, а денеска и утре е навистина доцна. Колку ќе дојдеме, толку ќе добиеме. Колку ќе бидеме, толку ќе бидеме доволно да испратиме порака на владата, на собранието и на работодавачите во приватниот сектор, имајќи предвид дека најголемиот број од работниците работат во приватниот сектор и плаќаат даноци и придонеси кон државата. Да не заборавиме дека владата е најголемиот работодавач во Македонија, имајќи предвид дека 128.000 работници има во јавниот сектор, а таа за повеќе од половина е директен работодавач.
…