НАЈГОЛЕМИТЕ ПРИВАТНИ ЛАБОРАТОРИИ „ИЗБОЦКАА” ЗА 9,5 МИЛИОНИ ЕВРА, колкав профит направија?

Во последните четири години, пазарот на приватни лаборатории во Македонија доживеа сериозни флуктуации – од енормни приходи во време на пандемија до драстичен пад по нормализирањето на здравствениот систем. Податоците за петте најпознати лаборатории – Авицена, Биотек, Синлаб, Никоб лаб и Рамус – покажуваат длабоки разлики во деловната динамика, профитабилноста и прометот.

Милионските добивки што приватните лаборатории ги направија за време на пандемијата, веќе ги нема. Две од петте лаборатории влегоа во минус, покажува анализата на порталот Пари, направена во соработка со платформата БизнисМрежа.мк.

Приватните лаборатории и понатаму се значајна алка во здравствениот систем и речиси сите имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување, па дел од нивните услуги се добиваат со партиципација, како и во државните клиники.

Директно од граѓаните или преку префрлање од Фондот овие лаборатории во 2024 година оствариле вкупен приход од над 9,5 милиони евра, додека во 2021 година, кога сѐ уште царуваше пандемијата, нивниот приход бил над 21,5 милиони евра.

Авицена води според приход, Никоб лаб доживеа колапс

Од податоците може да се забележи дека Авицена и Биотек изгубиле речиси половина од приходите што ги имале во 2021, но во 2024 бележат мал раст во однос на 2023 година. Авицена е на прво место со промет од 3,7 милиони евра за ланската година, па потоа е Синлаб со 2,7 милиони евра.

 

Биотек бележи најголем релативен пад од сите во 2022, што укажува на силна зависност од ковид-пазарот, во 2024 година прометот изнесува 2,3 милиони евра. Во 2024, има најголем процентуален раст (+15%) од сите лаборатории, но сепак, приходите и понатаму се на само 38% од нивото во 2021.

Приходот на Никоб лаб во 2024 година изнесува 63,9 илјади евра и е за 40% намален во однос на 2023 година, додека пак за време на пандемијата во 2021 година изнесувал 4 милиони евра, тоа е пад за 98 отсто и може да се заклучи дека доживеал колапс за четири години.

 

Чии добивки растат, а чии се топат

Додека, пак, во однос на добивките, само Авицена и Биотек бележат зголемен профит ланската година. Биотек е најпрофитабилна со 415,4 илјади евра, што е речиси тројно зголемување за една година односно за 169% повисока добивка.

Добивката на Авицена во 2024 година во споредба со преклани е зголемена за 137% и изнесува 226 илјади евра.

Синлаб едвај е на позитивна нула со 9,9 илјади евра и пад од 84% во споредба со 2023, додека Никоб лаб и Рамус тонеле подлабоко во загуби. Во двете фирми, загубите стануваат хронични, додека истовремено трошоците и долговите растат.

 

Во период од само две години, Никоб лаб се сврте од добитна позиција во длабока загуба. Во 2024 година загубата изнесува 320,1 илјади евра, што претставува зголемување од 60% споредено со претходната година. Комбинирано со блокираната сметка и должничката позиција кон УЈП, оваа состојба укажува на сериозна неликвидност и нарушена платежна способност.

Коефициентот на задолженост мери колку обврски има компанијата во однос на сопствениот капитал. Сè што е над 100 се смета за ризично – а Никоб лаб има 183% во 2024, што значи дека долговите речиси двојно го надминуваат капиталот, а може да влезе и во ризична зона каде секоја дополнителна загуба значи потенцијален стечај.

Сликата за Рамус станува уште поалармантна – коефициент на задолженост од 390% значи дека компанијата е речиси четирикратно повеќе задолжена отколку што има сопствен капитал.

Овие примери покажуваат дека на здравствениот пазар не е доволно само да се има лиценца и капацитет – потребна е јасна стратегија, контрола на трошоците и одржливо финансирање. Без тоа, дури и лаборатории со персонал и традиција завршуваат во црвено.

(продолжува)

Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/najgolemite-privatni-laboratorii-izbockaa-za/

Back to top button
Close