Објава погрешно тврди дека Албанија и Косово не ѝ пружиле помош на Македонија по трагедијата во Кочани

Објавата погрешно тврди дека Албанија и Косово не ѝ помогнале на Македонија во врска со пожарот во Кочани. Како што потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, сите држави со кои разговарал, вклучително и Албанија и Косово, понудиле помош. Претседателката Сиљановска објави листа на држави што ѝ помогнале на Макеоднија, а меѓу нив се најде и Албанија. Како што нагласи министерот Таравари, одлуката за тоа каде ќе се праќаат пациентите ја носат лекари и анестезиолози, зависно од условите кои ги нуди секоја држава одделно

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Пред да си замине од власт, ѓубрето Таравари да ни објасни и како доктор и како министер но и како Албанец, зошто на списокот на држави кои ѝ помогнаа на Македонија во несреќата со Кочани ги нема Албанија и Косово?

По трагедијата во Кочани во која во пожар во т.н. кабаре загинаа 62 лица, Владата го активираше системот за цивилна заштита на ЕУ преку кој, како што информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на 22 март, 116 пациенти беа хоспитализираи во болници во 14 држави.

Според податоците што беа презентирани, во Србија беа испратени да се лекуваат 31 пациент, во Бугарија 15, во Турција и Грција по 12, во Шпанија 7, во Австрија и Унгарија по 6, во Хрватска 5, а по 4 пациенти беа згрижени во Белгија, Литванија, Италија, Словенија и Шведска. Во Полска се лекуваа 2 пациенти. Дополнително, Чешка и Израел испратија медицински тимови, а Романија, Луксембург, Норвешка и Финска обезбедија логистичка поддршка за транспортот на повредените.

Министерот Муцунски, претходно на 17 март, ден по несреќата, соопшти дека лично остварил телефонска комуникација со министрите за надворешни работи на Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, БиХ и Словенија, како и со Ричард Гренел во име на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Дополнително, претседателот на Владата Христијан Мицкоски телефонски разговорал со регионални и светски државници, вклучително и со генералниот секетар на НАТО Марк Руте, со претседателите на владите на Хрватска, Бугарија, Белгија, Србија…

Во сите тие разговори беше изразено длабоко сочувство од страна на нашите пријатели и беше понудена помош во форма на материјално – технички средства, човечки капацитети и медицинска нега за пациентите за кои стручните медицински лица ќе одлучат дали и за кого е потребно лекувањето да продолжи во странство. По интензивна комуникација со моите колеги за помалку од 12 часа од несреќата првите пациенти беа на пат кон државите каде што веќе е започнато нивното лекување. Во овој момент вкупно 51 македонски граѓанин е испратен на лекување во следните земји: девет пациенти во Турција, 14 во Бугарија, четворица во Грција, 17 во Србија, четворица во Литванија транспортирани со авион обезбеден од Романија, и засега два пациенти во Унгарија, рече Муцунски.

Значи, како што посочи Муцунски, меѓу државите со кои веднаш стапил во контакт биле и Албанија и Косово. Од сите држави, вклучително и овие две, била понудена помош во форма на материјално- технички средства, човечки капацитети и медицинска нега за пациентите.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 2 април објави благодарност за помошта што другите држави ѝ ја пружиле на Македонија во врска со пожарот во Кочаи и објави листа од 26 држави на која се најде и Албанија.

Дека била понудена помош, потврдија и од албанското министерство здравство. Имено, Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија, предводено од Албана Кочиу, на 17 март соопшти дека се во интензивна комуникација со македонските власти во врска со трагичниот случај во Кочани. Оттаму посочија дека се во координација со македонскиот министер за здравство Арбен Таравари.

Министерството за здравство и социјална заштита, изразувајќи солидарност и целосна поддршка, соопштува дека е во постојана и интензивна комуникација со здравствените власти на Северна Македонија. Од првите часови по настанот, министерката за здравство и социјална заштита, г. Албана Кочиу е во директен контакт со нејзиниот колега во Северна Македонија, министерот Арбен Таравари, со цел да ги координира конкретните активности и да обезбеди итна помош во која било форма што ќе им биде потребна на локалните власти. Министерството за здравство и социјална заштита потврдува дека медицинските установи на Република Албанија се целосно подготвени и подготвени да пружат здравствена, логистичка и техничка помош на погодените од оваа трагедија. Во овие тешки моменти, Република Албанија ја потврдува својата солидарност и целосна поддршка на заедницата на Кочани и на властите во Северна Македонија, изразувајќи најискрено сочувство до семејствата на жртвите и желби за брзо закрепнување на сите повредени, соопштија од Министерството за здравство на Албанија.

Министерот за здравство Арбен Таравари на 16 март кажа дека повредените кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, кои понудија помош неколку часа по несреќата.

Се јавија и болници од Холандија, од Албанија. Оставам на анестезиолозите да одлучат за понатамошниот третман на најкритичните пациенти, рече Таравари.

Значи, објавата погрешно тврди дека Албанија и Косово не ѝ помогнале на Македонија во врска со пожарот во Кочани. Како што потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, сите држави со кои разговарал, вклучително и Албанија и Косово, понудиле помош. Претседателката Сиљановска објави листа на држави што и помогнале на Макеоднија, а меѓу нив се најде и Албанија. Како што нагласи министерот за здравство Арбен Таравари, одлуката за тоа каде ќе се праќаат пациентите ја носат лекари и анестезиолози, зависно од условите кои ги нуди секоја држава одделно.

Станува збор за пациенти со специфични повреди на кои им се потребни третмани во медицински услови кои ги немаат сите земји. Впрочем, и Македонија нема такви услови, и затоа ги праќаше пациентите на третман во други земји.

Поради сето погоре оценуваме дека објавата е невистина. (Вистиномер)

Back to top button
Close