„Од горчина и мед“ – поделениот и сложен идентитет и скршените срца
Кога читате книга со однапред зададена цел да напишете текст за неа, обично се чита со белешки на маргините, подвлекувања, „ловење“ референци, мета-текстуалност и сл. Секако без лежерната опуштеност на читањето (само) од задоволство.
Всушност, не почнувате така! Се почнува со една чудна тишина, поглед во таванот и празниот лист на екранот на лаптопот. Такво нешто следи и откако ќе го завршите текстот, дополнето со лебдечкото прашање: Дали е доволно добар?
Писателите и филмаџиите ги “мразат” литерарните и филмски критичари и чувствувам зошто . Но и “критичарите” имаат свои демони кои не се за потценување.
Eдвард Лоренс Докторов пишува „историчарите ни кажуваат што се случувало, а писателите каквo било чувството“. Романот за млади „Oд горчина и мед“ на Паткси Зубизарета, во издание на “Сказнувалка“ во одличен превод на Борјана Мојсовска, низ приказната која го следи Селим (и неговиот поделен и сложен идентитет) од мало дете во мароканско село каде се создава копнежот за животот во париз, го претставува спротувставувањето на уметноста (книжевноста) на доминантниот наратив во западните медиумите кои човечките судбини ги сведуваат на дневна и неделна статистика на спасени, удавени, апликации за азил, бирократска терминологија како „мигранското прашање“ и им лепат идентитет кој дехуманизира и повредува.
Романот од класичен тип на нарација во првиот дел, која го следи детството на Селим, растењето во сиромашно семејство во планинско село а потоа во Маракеш ја претставува и суштината во насловот „Мед и горчина“, односно егзотичната и „слатка“ приказна за ориентот низ кој ги води туристите наспроти „горкиот“ живот кој го живее во сиромашните населби, необјаснивото завршување во затвор и тортурата таму и сл. Сепак, паралелно низ приказните за кратките љубови, пријателствата, растењето, овој дел од романот читателите ги остава во позитивно исчекување и надеж. Создава атмосфера податна за идентификација со главниот лик и неговата верба во целта на патувањето кое му претстои – Париз и реализацијата на сонот на „човек кој таму успеал и се вратил поинаков“.
Во овој дел од романот стилот на пишување, малите врамени приказни и гатанки, раскажани од странични ликови, потсетуваат на стилот и приказните од „1001 ноќ“, што освен на ниво на нарација, и во суштина прави паралела со егзотиката на ориентот, која потоа ја спротивставува и потполно ја релативизира пред суровата егзистенција.
Следниот дел од романот, насловен „Европскиот кошмар“ односно патувањето кон Франција е приказна за млад човек кој нема дом, туку само цел. Некаква состојба на фактичка но и емотивна невдoменост и живот потпрен на надеж, но во кој апсолутно ништо не може да се земе здраво за готово. Односот кон мигрантот кој не постои за системот односно системот сака да го исфрли во доменот на не-правото е состојба во која ликот се бори за признавање, за стекнување идентитет.
Без намера за филозофски фабули, но таа состојба е онаа која Џорџо Агамбен ја опишува со својот поим homo sacer, позајмена од римското прaво, на субјект кој не е субјект според правото, се држи надвор е од него “ не постои“ за правото (тој со тоа е под нивото на најтешките криминалци кон кои правото на системот се однесува некако со тоа што ги третира, суди и казнува, носи во затвор). Таа зона на лимбо, непостоење и целосно правно игнорирање или насилен третман кој нема ограничувачка норма во правниот систем – е зона во која младиот Селим се обидува да се бори за својот нов идентитет, и за својот живот.
Една од потрогателните линии, што го прави исклучителен роман за млади, е љубовната приказна на Селим и Естер, односно љубовта која нема шанси да се реализира во такви околности. Љубовта која, за жал, не победува туку под притисок на политичките и социјални околности се претвора во спора болка, грижа и неизвесност, одлично презентирана во форма на дневник на Естер која тука го раскажува сето она кое сака но не може да му го каже на Селим, бидејќи како склоп на околности, тој една ноќ исчезнува.
Интересна е таа слобода која се јавува во текот на пишувањето текст кој има адресат, но во суштина тој (веројатно) никогаш нема да го прочита. Имитирајќи стил на дневнички запис во форма на замислен разговор остава простор за читателите да се соживеат со болката и празнината во својата најгола форма, без рационализирање, објаснување, изнудено прифаќање и помирување. И со неминовниот заклучок дека тагата (како и личното) за илјадници луѓе кои не можат да се вкомфорат во релации е политички и социјално наметната.
За крај без претенциозни заклучоци. Ова е одлична книга за млади и треба да ја прочитате.
Лени Фрчкоска