ЕУ сака да ја санкционира руската „флота во сенка“

Конфискуваните руски олигархиски вили на Азурниот брег треба да го финансираат одржувањето на француските хаубици „Цезар“ во Украина, објави локалниот печат на француската ривиера по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Лавов, Украина, на почетокот на мај. Европејците на 9 мај отпатуваа во западна Украина за да ја изразат својата солидарност со од Русија нападнатата Украина.
195 милиони евра инвестициски приход за одржување на „Цезар“ во Украина
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на неформалниот состанок изјави дека само Париз оваа година има намера да ги пренасочи приходите од камати од конфискуваните руски средства во износ од 195 милиони евра во Украина. Не се споменуваа олигархиски вили, а лани вредноста беше дури и повеќе од 300 милиони евра.

Но, насловот се вклопува со сè посмелата политика на Франција кон Русија: дополнително да се зголеми притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин и неговата придружба – исто така со поробустна комуникација – и со тоа да се привлече повеќе американскиот претседател Доналд Трамп на страната на Европејците.
Нарачка кај француско-германската компанија за оружје КНДС
Преку дел од приходите од „конфискуваните руски средства“ во Европа, според министерот за надворешни работи Баро, „Франција може да обезбеди одржување на топовите ’Цезар’ што Франција ѝ ги стави на располагање на Украина“. Германско-француската компанија за оружје КНДС гради своја фабрика во Украина за одржување на артилериско оружје, за кое украинската армија постојано наведува дека е особено робусно.
Секундарни санкции против трети земји
Но пред сè, новиот пакет за поддршка на државите од ЕУ за Украина вклучува нови санкции против руската флота на танкери „во сенка”, кои ги кршат западните санкции против рускиот извоз на нафта од 2022 година, особено со продажбата во Индија и Кина.
ЕУ, заедно со Велика Британија и САД, има намера да го спроведе „најголемиот пакет санкции во светот против руската ‘флота во сенка’ и нејзините обиди да ги заобиколи меѓународните правила и да продолжи да ја финансира нејзината војна“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, кој како гостин присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во западна Украина.
Кратко потоа, францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за францускиот телевизиски канал ТФ1 изјави: Клучно е САД да останат на страната на Европејците во поддршката на Украина – „тоа е целта на оваа операција“. Макрон со недели го повикува американскиот претседател Доналд Трамп да не дозволи да биде манипулиран од рускиот претседател Владимир Путин.
Надеж во американскиот Сенат
За 17-тиот пакет санкции на ЕУ, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен преговараше во Вашингтон со сенаторите од владејачките Републиканци и Демократи. Надежите на Европејците се во 70 од нив, кои под водство на републиканскиот сенатор Линдзи Греам ја иницираа новата рунда санкции против руската „флота во сенка”.
Притоа, проблемот е познат уште од 2022 година: Русија ги заобиколува западните нафтени санкции со бродови под странски знамиња. Првично, дури и бродарите од ЕУ-државата Грција се занимаваа со заобиколување на санкциите. Приходите од нафтата на Русија продолжија да растат. Уште покуриозно: Русија продаваше сурова нафта на индиските рафинерии, кои ги испраќаа своите производи назад во ЕУ. Нејасно е дали новите санкции ќе имаат подобар ефект.
Францускиот курс против руските олигарси: Апсење во Монако
Франција не остава сомнеж за нејзиниот цврст став против Кремљ. Ова се однесува на спроведувањето на новите санкции, како и на ударите против опкружувањето на Путин. Неодамна, париското јавно обвинителство изврши удар во даночниот рај Монако. Таму е уапсен синот на долгогодишниот извршен директор на компанијата за оружје „Мотор Сич”. Производството на компанијата беше преместено од Украина во Русија во 2014 година.
Моторите се особено важни за производството на хеликоптери во Русија. Раководителот на„Мотор Сич”, Вјачеслав Богуслаев, од октомври 2022 година се наоѓа во затвор во Украина за велепредавство. Тој им продавал резервни делови на руските вооружени сили дури и откако на 24 февруари 2022 година започна целосната инвазија на Украина на Русија. Неговиот син Олександер инвестирал повеќе од 600 милиони евра „црни пари” од Украина на Азурниот брег – во пространи апартмани со поглед на море и луксузни вили.