(ВИДЕО) СДСМ: Нов скандал со дипломи на повидок, дали Јанев е незаконски назначен на чело на БЈБ?
Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
Нов скандал со безбедносните служби е на повидок. Јавно се објавени сомнежи за незаконско именување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Дали директорт на БЈБ, Александар Јанев не ги исполнува условите за функцијата?
Според информации објавени во неколку медиуми, поднесена е анонимна претставка до ДКСК поради основани сомнежи за незаконитост на дипломата за магистерски студии на Јанев, на Универзитетот Скопје.
Оваа диплома е меѓу основните законски услови за да може да биде назначен за директор на БЈБ.
Како што е објавено, во неговата официјална биографија објавена на страната на МВР нема точен датум на стекнување на звањето “магистер”.
Дополнително, ниту на сајтот на Универзитетот Скопје нема никакви податоци за јавна одбрана на магистерски труд. Не може да се најде ниту запис во електронските системи на универзитетот или Министерството за образование за проверка на плагијат.
Сето ова е законски задолжително.
Според Законот за научноистражувачка дејност, секој магистерски труд мора најмалку 30 дена пред одбраната да биде внесен во системот за проверка на плагијати.
Јанев бил именуван на 28.6.2024 година. Дали е точно дека системот не функцонирал токму во тој период?
Овие сомнежи и овој случај отвора сериозни прашања кои мора да бидат одговорени:
•Дали Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело на БЈБ избрале човек кој не ги исполнува законските услови?
• Дали станува збор за фалсификување документи заради партиски интереси?
• Зошто МВР молчи за овие јавно објавени сомнежи?
СДСМ бара одговори на овие прашања и итна истрага од Јавното обвинителство.
Додека јавноста се уште чека разрешница со директорот на АНБ за неговиот сертификат сега се отвора втор скандал во највисоките безбедносни институции и позиции во државата, Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност.
Безбедноста на граѓаните е ставена во канџите на партиски луѓе за кои прашање е дали воопшто ги исполнуваат законските критериуми.
Ова е сериозна безбедносна закана. СДСМ ќе продолжи гласно да го разобличува секој скандал, секој фалсификат и секој обид за окупирање на институциите по незаконски пат.
Функционирањето на безбедосните служби не смее да биде жртва на партиската држава која ја инсталира ВМРО-ДПМНЕ повторно.