Сочувствуваме со трагедијата на мигрантите
Денко Малески
Бегалците се мајки, татковци, сестри, браќа, деца, со исти надежи и амбиции како и ние… (Калед Хосеини)
Темата за мигрантите не ја покренав со намера да се вклучам во меѓупартиските обвинувања кои следат секогаш кога оние на власт треба да донесат важни одлуки, туку да укажам на веројатната врска на милијардите со актуелната дебата во Британија со која потпишуваме договор за стратешко партнерство. Да нема забуна: моите чувства се со мигрантите и нивните човекови права. Не се „грозам“ од нив, туку токму спротивното: длабоко сочувствувам со нивната трагедија. Понајмалку заради фактот што уште во раното детство бев сведок на судбината на блиски од семејството кои ја доживеава судбината на денешните мигранти. Имено, како што разбрав многу подоцна, според една од клаузулите на некаков договор за нормализирање на односите помеѓу Југославија и СССР, постигнат во разговорите помеѓу Тито и Хрушчов, некаде во средината на педесеттите, нашата тогашна држава се обврзала да „расчисти“ со емигрантите од Источна Европа кои се нашле на наша територија во годините на Информбирото. Така, заедно со многу други, дел од моето семејство се најде во логор во Хрвтска наречен Герово, според некакво населено место на брегот на Јадранското море. За третманот нема да пишувам. Само ќе кажам дека преку акција на Комитетот за бегалци на ОН, „логорашите“ беа прифатени од земјите на Западна Европа спремни да им дадат азил. Белгија беше една од нив, а на церемонијата на добивање државјанство, години подоцна, домаќините-спасители им рекле на некогашните мигранти, сега Белгијанци, да го чуваат споменот на земјите од кои доаѓаат и на народот на кој му припаѓаат.
Пред некое лето, покрај Езерото на патот кон Сатеска се разминав со татко и син, ќе да беа. Бегалци од Авганистан? Од Сирија? Таткото, среде топол летен ден, облечен во темен костум целиот во прашина, , потонат во своите грижи за домот што го оставил зад себе и за неизвесностите кои допрва го чекаат на патот до Албанија и од таму некаде на Запад, ме одмина без да ме погледне. Младото момче кое сеуште му се радуваше на животот, весело потскокнуваше зад татко си ме поздрави со широка насмевка. Ми се вратија мислите за редици мигранти кои во првиот бран следејќи ги шините на македонски железници кои водеа на Запад, гинеа од нашите возови. Голем гест направи канцеларката Ангела Меркел кога прими милион бегалци кои дојдоа во Германија, му велам на германскиот претставик во Македонија, кој суво одговори дека, во ерата на човековите права, немала избор.
Но, со доаѓањето на Доналд Трамп на власт задуваа студени ветришта за мигрантите кои, во „потрага по среќа“,мигрираат на Запад, не ретко плаќајќи го тој потфат со својот живот – од удар на воз во Македонија или од превртен чамец во водите на морето. Примерот на Трамп го следат и други држави, меѓу кои и Велика Британија. Ова земја изготвува долгорочен план за враќање на мигранти во нивните земји на раѓање и подготвува терен за организиран трансфер преку трети земји. Разбираме дека Британија ги известила ОН за своите намери, а меѓу земјите кои се предвидува да помогнат во реализација на нивните планови е и Македонија. Нашата држава нема влијание врз одлуките на властите во Лондон независно од тоа дали ни се допаѓа нивната политика или не. Дали ќе соработуваме во нејзината реализација зависи од одлуката на нашата влада. Значи, не се работи за доселување на мигранти туку за лица осудени на затвор кои немаат валидни документи за престој и кои, по издржување на казните, треба да се префрлат во земјите од кои потекнуваат. Интересите на двете држави ќе одлучат, ама во ова „трансакцико време“, важно е да внимаваме никогаш да не ја изгубиме мерката за човечност кон овие несреќни луѓе како што тоа се случува во Америка денес.
Во контекст на договорот кој денес се потпишува во Лондон и од кој очекуваме сериозна помош за нашата економија, порака до претставниците на нашата влада: оставете ги на страна споредбите со Черчил и со Рузвелт. Кога по Втората светска војна побарал помош од Америка, Черчил рекол дека на Британија и треба помош која ќе ја направи секоја идна помош непотребна. Рузвелт пак, кој со својот „Њу Дил“ внесува социјалистички елементи во нивниот капитализам, го направил сето тоа со американски пари.