Новиот Закон за енергетика објавен во „Службен весник“, започнува официјалната примена

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално ќе почне неговата примена.

Овој системски, реформски и европски усогласен закон, како што се наведува во соопштението од Министерството, беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина.

– Со имплементацијата на новиот Закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во креирањето на законот беа вклучени домашни експерти, а, како што наведуваат од ресорното Министерство, поминал низ инклузивен процес во кој бие вклучени сите релевантни чинители – институции, експерти, оператори, бизнис-секторот, регулаторното тело и граѓански организации. Законот добил поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница.

– Официјалната примена на Законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека ќе продолжат со координирана и одговорна имплементација на сите одредби, со јасна цел: да се обезбеди стабилна, чиста и достапна енергија за сите граѓани и за стопанството.

– Со овој Закон, Македонија прави важен чекор напред – кон енергетска безбедност, зелен раст и европска иднина, истакнуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Back to top button
Close