Иницијатива на Грција во ОН за заштита на цивилите во воените конфликти – потпишана од 80 делегации меѓу кои и земјава
Имам чест да ја пренесам оваа изјава во име на 80 делегации, кои се обврзаа за почитување на меѓународното хуманитарно право и заштита на цивилите во вооружени конфликти, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис од ОН во однос на грчката иницијатива за заштита на цивилите во воените конфликти, потпишана и усвоена од 80 земји, меѓу кои и нашата, јави дописничката на МИА од Атина.
Иницијативата на Грција е во рамките на грчкото претседателство со Советот за безбедност на ОН, а Герапетритис во соопштувањето на заедничката изјава посочи дека „Обединетите нации регистрираа најмалку 36.000 цивилни жртви во 14 вооружени конфликти во 2024 година“.
За Газа, рече дека според канцеларија на ОН за координација на хуманитарни прашања, се соочува со „најлошата хуманитарна криза“ од почетокот на непријателствата, по нападите на 7 октомври 2023 година, а се осврна и на ситуацијата во Судан, Конго, Мали, Мозамбик, Мјанмар, Нигерија, Сомалија, Јужен Судан, Сирија, Украина и на други места.
– Ова не може да продолжи. Денес, доаѓаме со една јасна порака: Заштитата на цивилите не е опционална. Тоа е законска обврска според меѓународното хуманитарно право и морален императив што не можеме да си дозволиме да го занемариме. Соочени со продлабочување на конфликтот и непочитувањето на цивилниот живот во премногу региони, ги повикуваме сите страни во вооружените конфликти да го почитуваат меѓународното хуманитарно право во сите околности и ги повикуваме сите земји-членки да го искористат своето влијание за да се гарантира ова почитување. Ова е основата – не е аспирација, туку обврзувачка обврска, законска обврска, рече Герапетритис.
Дополнително, истакна дека ја поздравуваат работата на хуманитарните актери и ги осудуваат сите акти на насилство и закани против нив, нагласувајќи дека минатата година беше најсмртоносна досега за хуманитарниот персонал, кога повеќе од 360 хуманитарци беа убиени во 20 земји, нешто што, како што посочи „мора да престане“.
– Ги повикуваме страните во конфликтот да дозволат и олеснат, како што бара меѓународното хуманитарно право, безбеден, брз и непречен хуманитарен пристап до сите цивили на кои им е потребна помош. Инструментализацијата на помошта за политички, воени или безбедносни стратешки цели е неприфатлива, истакна шефот на грчката дипломатија.
Се осврна и на работата на новинарите и медиумите, повикувајќи ги страните во конфликтите „да ја почитуваат нивната професионална независност и права“ и додаде дека во време кога дезинформациите стануваат полесни и широко распространети, „честопати поттикнувајќи конфликт, независните медиуми и известувањето од местото на настанот се од особено значење“.
Заедничката изјава во ОН за заштита на цивилите во воените конфликти, на иницијатива на Грција ја потпишаа 80 делегации, односно Алжир, Ерменија, Австралија, Австрија, Бахами, Бахреин, Бангладеш, Белгија, Босна и Херцеговина, Бразил, Бугарија, Канада, Чиле, Кина, Колумбија, Костарика, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Доминиканска Република, Египет, Естонија, Европската Унија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Гватемала, Гвајана, Исланд, Индонезија, Ирска, Италија, Јапонија, Јордан, Кореја, Кувајт, Латвија, Либан, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Малта, Мексико, Молдавија, Монако, Црна Гора, Мароко, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Оман, Пакистан, Палестина, Перу, Полска, Португалија, Катар, Романија, Саудиска Арабија, Сејшели, Сиера Леоне, Сингапур, Словачка, Словенија, Јужна Африка, Суверениот Воен Ред на Малта, Шпанија, Свети Винсент и Гренадини, Судан, Шведска, Швајцарија, Источен Тимор, Турција, ОАЕ и Уругвај.