Газа: Израел ги нарече „срамни“ критиките од ОН

Во спорот околу хуманитарната помош за Појасот Газа, тонот меѓу Израел и ОН станува сè поостар. Причина се извештаите за пукање врз палестински цивили. ОН бара разјаснување, додека Израел негира одговорност.

Спорот меѓу Израел и Обединетите нации (ОН) се заканува дополнително да ескалира по извештаите за пукање врз цивили во близина на дистрибутивен центар за хуманитарна помош во Појасот Газа. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, побара „итна и независна истрага за овие инциденти и сторителите да бидат повикани на одговорност“. Израел ја нарече реакцијата „срамна“ и ги обвини ОН за прикривање на улогата на терористичката милиција Хамас.

Во текот на викендот се појавија извештаи дека израелски војници наводно отвориле оган врз цивили во близина на дистрибутивен центар управуван од Хуманитарната фондација за Газа во близина на Рафах. Гутереш го изрази своето разочарување и нагласи: „Неприфатливо е Палестинците да ги ризикуваат своите животи поради храна“. Израел има јасна обврска, во согласност со меѓународното хуманитарно право, да дозволи и олесни хуманитарна помош.

Израел го критикува недостатокот на осуда на Хамас

Израел веќе негираше во текот на викендот дека неговата армија пукала врз цивили. По забелешките на Гутереш, портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморстајн, на платформата X праша дали ОН навистина се грижи да им помогне на луѓето во Газа или повеќе се фокусирани на поддршка на Хамас и неговата воена машинерија. Во целата изјава на генералниот секретар на ОН, зборот Хамас не се појавува ниту еднаш. „Ниту еден збор за тоа како Хамас пука врз цивили и се обидува да ги спречи да добијат помош“, критикуваше Марморстајн.

Спротиставени наводи

Според Министерството за здравство во Појасот Газа, контролирано од Хамас, 31 лице биле убиени, а повеќе од 170 цивили биле повредени од огнено оружје. Сепак, овие бројки не можат да бидат независно потврдени. Покрај Израел, и Хуманитарната фондација за Газа ги отфрли извештаите како лажни, нагласувајќи дека помошта била дистрибуирана без инциденти.Сепак, според новинската агенција АФП, израелски воени извори изјавиле дека „кон неколку осомничени лица биле испукани предупредувачки истрели“ на околу еден километар од дистрибутивниот центар во неделата навечер.Покрај тоа, Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во неделата извести дека речиси 180 повредени лица и околу 20 тела се донесени во полската болница на Црвениот крст во Рафах, претежно со рани од огнено оружје или шрапнели.

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close