ФАЦ: Експеримент на Заев и Ахмети со новата влада

Во Северна Македонија на сцена е разградување на парламентарниот систем и негово претворање во консензуална демократија во која е најважно етничкото потекло. Анализи на ФАЦ за коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

   

За првпат во историјата на земјата, Северна Македонија треба да добие премиер Албанец. Тоа е највпечатливиот исход од коалициските преговори во балканската земја, која е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, и ги надминува внатрешните дневнополитички случувања, пишува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешната анализа за постизборните превирања во Северна Македонија во текст под наслов „Мултиетнички грабежи“.

„Во Северна Македонија се случува разградување на парламентарниот систем во кој секој глас вреди еднакво, во една етничка пропорционално-консензуална демократија, во која повеќе не е најважно што ќе биде кажано, туку кој го кажува тоа и какво етничко потекло има оној што зборува. Тоа во принцип и не е нешто фундаментално ново за Северна Македонија, но во меѓувреме станува се’ поиздиференцирано и достигнува нови врвови“, пишува дописникот на Франкфуртер алгемајне цајтунг за Балканот.

ФАЦ ја опишува позадината на актуелните случувања, потсетувајќи дека исходот од јулските избори довел до очекуваниот резултат: нов мандат за Зоран Заев на чело на владата. Но, потсетува и на традицијата од 1990-те години во секоја влада да влегува и партија која го претставува албанското малцинство во земјата. По конфликтот од 2001 и постигнувањето на Рамковниот договор, речиси непрекинато во власта е ДУИ раководена од Али Ахмети.

„Поддржувачите на Охридскиот договор велат дека тој ја спасил државата од крвав меѓуетнички конфликт. Скептиците тврдат дека тој е образец за мултиетнички грабеж на државата, затоа што етничката припадност (и партиска книшка) секогаш имаат предност пред перформансите и квалификациите: По секои избори содветниот победник во словенско-македонскиот кампус се договара со партија на Ахмети за заедничко заробување на институциите.

Има и други последици на Охридскиот договор: Поради тоа што повеќе партии се борат за гласовите на албанското малцинство, тие секогаш се натпреваруваат кој ќе излезе со поголеми барања за нови права на етничките заедници. На тој начин сакаат да покажат дека можат повеќе да добијат за својата клиентела од внатреалбанската конкуренција.

Во последната кампања, Ахмети го постави како централен услов барањето дека неговата партија ќе влезе во коалиција само доколку Албанец биде премиер. Дури и за Заев, кој посилно се заложи за албанската етничка заедница од кој било премиер пред него, тоа беше премногу. Но, му беа потребни гласовите на партијата на Ахмети“, пишува ФАЦ.

Договорот кој го постигнаа Заев и Ахмети за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на владата, според авторот на ФАЦ, е експеримент. „Очигледно Ахмети се задоволи со симболичен успех“, пишува весникот и заклучува: „Договорот е сепак пресврт. Поделбата на власта меѓу словенските Македонци и Албанците достигнува едно ново ниво. Според Ахмети, тоа е придобивка за стабилизација на земјата“.

„Во меѓувреме, моделот на поделба на власта во Северна Македонија некои ги потсети на Либан – и се надеваат дека успехот нема да биде ист како и таму“, заклучува ФАЦ.

извор: ДВ

Back to top button
Close