Imagine – фикција или химна

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка си земам  за  право да се осврнам и  да го споделам со вас моето гледиште за светската воено-политичка состојба.
Деновиве, во едно прекрасно студио го снимав познатиот светски хит од легендарниот Џон Ленон, песната ,,Imagine”.
Снимањето само по себе беше многу специфично. Инспирација ми беше силната пораката на легендарен член на Битлси, Џон Ленон, која буквално го допре секого на сите страни од планетата Земја. Ваков пацифистички, космополитски светски хит нема човек кој не може да го разбере, затоа што има јасна порака за мир, љубов и праведност  за сето човештво насекаде низ светот. Ги допира сите. Освен милитантните и деструктивни умови.
Актуелната  политичка и воена состојба е вознемирувачка за целата светска популација.
Историјата на горчливите искуства од првите две светски војни  е длабоко закопано во нашите мемории. Чувството е како никогаш и да не завршиле.
Војната во Украина, која веќе четврта година се војува,  длабоко го потресе Евро-Азискиот континент и Северна Америка.
Војната, која трае повеќе од година и половина меѓу Израел и Палестинскиот Хамас, е бруталност која ги надминува сите разумни граници за човечката солидарност, љубов, мир и праведност.
Зборот геноцид, најсилно  ја одсликува еврејската нација во светот, која  плати со милионски жртви во Втората светска војна од страна на Хитлерова Германија и нејзините сојузници.
Геноцидот на еврејската популација се правеше пред неполни 90 години. Денес истиот народ, кој има новооформена држава пред неполни 80 години, го врши истиот геноцид кон палестинската нација во појасот Газа.
Целата светска заедница реагира многу површно и несоодветно  за ваков  геноцид. Осудува, ама не презема никакви мерки. Причината за ваквата нефункционалност можеби се должи на поддршката која Израел ја добива од САД,  неприкосновена светска сила број еден.
Ако војните меѓу Русија и Украина,  Израел и Палестина се меѓусоседски војни, деновиве се отвори нов фронт меѓу Израел и Иран, земји кои никогаш не биле соседи, ниту имале причини да бидат непријатели.
Невини луѓе страдаат и во Израел и Иран. Причини  можеби се ,,разбирливи”  за мал круг на луѓе кои ја контролираат севкупната светска состојба, но за секој мирољубив човек се апсурдни. Прашањето е зошто?
Џон Ленон беше убиен од човек којшто го мразел без причини. Неговата омраза била доволен повод  да убие мирољубив човек.
Ваквите луѓе нелуѓе се умоболни. Хитлер и Мусолини од поновото времен со болните умови коишто  ја креираа Втората светска војна. Останува реторичко прашање дали во светот повторно владеат болни умови. Дали повампирените зли духови од минатото повторно ја јавнаа  политичката сцена на светските водечки веле сили како 12 јавачи на Апокалипсата?
Очигледно, дека светот е во подготовка за нова војна. НАТО обзнани дека за нејзиното натамошно функционирање го зголемува процентот на учество на нејзините членки од 2% на 5% од ЏДП на земјите членки.
Во мометов се врши масовна мобилизација во редовите на водечките членки на ЕУ заедницата. Масовно се припремаат и вооружуваат сите светски сили, па дури и земји кои што немаат ама баш никакво влијание.
Воената индустрија е во расцут. Од сите индустрии во светот најголем раст денес има воената индустрија. Се произведува оружје на големо. Единствена мета е човекот.
Историјата, како мајка на сите  науки, мајчински која треба да ни укаже за направените грешки во нашето човечко битисување. Ние ја ставаме на страна и дозволуваме животинскиот инстинкт да нѐ надвладее.  99% од севкупната светска популација не сакаат војна! Луѓето сакаат мир, слобода и еднаквост.
Познатата мудрост на  Черчил е дека ,,љубовта не е вечна, туку интересот”.  Прашувам во свое име, дали интересот е толку моќен и  вечен па нѐ доведува до  себеуништување?
Која е цената која ќе ја плати севкупното светско човештво за интересот на многу минорни групи  поединци кои ги држат клучните функции во своите држави. Тие одлучуваат за животот и иднината на севкупната светска популација.  Историјата памети. Болни луѓе владееле клучни позиции.  Но очигледно човештвото не се опамети, не создаде систем кој  го ограничува влезот на умоболни луѓе на клучни позиции.
Почитувани читатели,  ја барам правдата за Еуростандард банка во мојата Македонија, верувајќи дека еден ден истата ќе дојде на виделина.
Нестабилноста не севкупниот светски поредок и кај мене буди сомнеж дека нема да бидам првиот за кого правдата ќе биде закопана.
Верувам и во целост ги подржувам зборовите од текстот на Џон Ленон во неговата песна ,,Imagine”. Дали еден ден ќе успееме да создадеме такво општество не знам, но знам дека  не сакам оваа песна да биде болна фикција во реалниот свет. Затоа, заеднички да работиме и да ги вратиме зборовите од песната во нашиот реален свет, градејќи здраво општество каде  песната на Ленон треба да ни  биде химна.
Трифун Костовски

Back to top button
Close