Призма-Нови сомнежи за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ
БИРН открива спорни детали од документот што го приложил Бојан Христовски
Автор: Васко Маглешов
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, на двапати го полагал испитот по ТОЕФЛ за англиски јазик, а кодот на центарот за тестирање каде што полагал не е во Пловдив, каде што е регистрирано јазичното студио „Јулија“, покажува истражувањето на БИРН.
По половина година правна битка со Антикорупциската комисија, преку две одбивања и две жалби, по судската одлука, ДКСК мораше на БИРН да му овозможи увид во предметот што антикорупционерите го водеа за директорот на македонската тајна служба.
Во салата за состаноци со присуство на двајца вработени во ДКСК, направивме увид во голем зелен класер, каде што се наоѓаат документите до кои дошле антикорупционерите. Во класерот беа сите материјали што биле собирани за Христовски, од дипломите за полагања, решенијата за вработување, до барањата за признавање испити…
Некои од нив, како јазичниот сертификат во кој направивме увид, беа фотокопии од оригиналот со заштитени лични податоци.
Сертификат полн нејаснотии

Упатство на Агенцијата за администрација | Фото-колаж: БИРН
На прв поглед, јазичниот сертификат на Христовски, кој предизвика голема политичка врева и интерес во јавноста, визуелно наликува на обрасците од ТОЕФЛ сертификати што може да се најдат со пребарување на интернет.
Но, неколку детали оставаат простор за сомнеж во неговата автентичност.
Најиндикативно од нив е тоа што Христовски тврди дека тестот го полагал преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив, но кодот на тест-центарот што е наведен во сертификатот води кон друг град – Софија. При увидот забележавме дека кодот на тест-центарот што е наведен во сертификатот на Христовски е APCU 8007.
Истиот број во Упатството на македонската Агенција за администрација, кое служи како водич за проверка на меѓународни јазични сертификати од 2019 година, се води на центар за тестирање на јазичното студио Софија Лаб 1, регистрирано во Софија.
Освен тоа, во сертификатот на Христовски стои дека го полагал преку програмата Фулбрајт во Бугарија.
Образовниот советник во оваа организација во Бугарија, Филип Лиапов, во одговор за БИРН потврди дека комисијата спроведувала испити по ТОЕФЛ, но никогаш немала контакт со јазичното студио „Јулија“ од Пловдив. Освен тоа, кодот на центарот е TC 8007, кој се разликува од кодот што стои на сертификатот на Христовски.
Според сертификатот во кој, БИРН имаше увид, Христовски полагал т.н. Special Home Edition тест. Овој текст се полага од дома под строги услови. Во интервјуто, пак, за 360 Степени, рече дека полагал преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив, затоа што, како што изјави, тоа било најбрз начин да дојде до таа диплома, а во Бугарија имало отворен термин.
Целото истражување на Васко Маглешов на ПРИЗМА МК