ДВ-ЕП ќе расправа за „модерен“ македонски јазик и идентитет
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц. Конзервативците, социјалдемократите и зелените најавија амандман на пленарната седница
Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Северна Македонија во кој се повикуваат властите во Скопје да воведат уставни измени и да го зајакнат владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во извештајот усвоен во средата, со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, има пофалби за посветеноста на Северна Македонија кон европската интеграција, но и критики поради високото ниво на корупција и ниската доверба во судството.
На две места во Извештајот, по најновите измени, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период.
Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:
„(Европскиот парламент…) го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет”.
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.
Прашање е дали овие членови „ќе го преживеат гласањето” на пленарната седница во Европскиот парламент, откако координаторот на пратеничката група на конзервативната Европска народна партија (ЕПП), Михаел Галер најави амандман со кој се бара пред терминот „македонски идентитет и јазик“ да се додаде придавката „модерен”. Овој амандман на ЕПП, според Галер е поддржан и од групите на Социјалистите и Демократите (СиД), Обнова и Зелените. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ е дел од семејството на ЕПП, додека СДСМ е дел од семејството на СиД.
Овие четири политички групации имаат мнозинство во Европскиот парламент. Дополнително, бугарските членови на Комисијата побараа да биде земено предвид и нивното малцинско мислење во однос на Извештајот.
Известувачот Томас Вајц, кој доаѓа од партијата на Зелените во Австрија по гласањето изјави дека е горд на фактот што за првпат од 2022 година е усвоен извештај за Северна Македонија.
„Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го задржиме позитивниот моментум и да го продолжиме процесот на проширување”, рече Вајц.(dw)