“Комунистички лудак кој изгледа страшно” Трамп со навреди за можниот кандидат за градоначалник на Њујорк”

„Конечно се случи, демократите ја преминаа границата. Зохран Мамдани, 100% комунистички лудак, штотуку победи на демократските прелиминарни избори и е на пат да стане градоначалник. Имавме радикални левичари и претходно, но ова станува смешно.
Изгледа СТРАШНО, гласот му е рапав, не е многу паметен, поддржан е од AOC (Александрија Окасио-Кортез), па дури и нашиот голем палестински сенатор, солзливиот Чак Шумер, се згрчува пред него. Да, ова е голем момент во историјата на нашата земја“, напиша Трамп.
Триесет и тригодишниот демократски социјалист ја шокираше политичката сцена во Њујорк победувајќи го поранешниот гувернер Ендру Куомо на демократските прелиминарни избори за градоначалник на Њујорк.
Кој е Зохран Мамдани?
Мамдани е роден во Уганда во 1990 година и пораснал во Њујорк, каде што се преселил со своето семејство кога имал седум години. Неговата мајка е познатата индиска режисерка Мира Наир, а неговиот татко е угандански активист и академик. Неговото име – Зохран Кваме – комбинира референци на персиско, африканско и индиско културно наследство.
Мамдани често го истакнува своето имигрантско потекло како основа за неговите политички ставови: „Пораснав во систем во кој многу рано научив што значи да се биде сиромашен, невидлив и погрешно разбран“.
Мамдани отворено се нарекува себеси „демократски социјалист“. Неговата политичка платформа се базира на борбата против сиромаштијата, расната и класната нееднаквост и климатската криза. Тој е за бесплатен јавен превоз (укинување на автобуските такси), универзална грижа за деца, замрзнување на кириите во субвенционираните станови, попристапни цени во продавниците и прогресивно оданочување на најбогатите.
Неговиот став за надворешната политика, исто така, се разликува од мејнстрим Демократската партија. Тој отворено ги поддржува Палестинците и ја критикува израелската политика, поради што често е во конфликт со произраелското лоби во партијата.