На секој град му треба „шериф“ за справување со жештини

Градовите Атина, Дака, Фритаун и Сантијаго де Чиле се обидуваат да се заштитат од сè поекстремните жештини, а Chief Heat Officers – градски службеници, или како што понекогаш се нарекуваат „шерифи“ за заштита од високи температури, им помагаат на локалните власти во анализата на ситуацијата на терен, развивањето акциски планови и спроведување заштитни мерки.

Ова вклучува, на пример, планирање на поладни тротоари и покриви, но и стратегии за вонредни ситуации. Се наведува како пример градот Фритаун во Сиера Леоне, каде службениците за жештини учествуваат во пошумувањето на урбаните средини, бидејќи му помагаат на градот да добие сенка.

Во 2021 година, американскиот тинк-тенк Атлантски совет го лансираше концептот за назначување градски службеници, односно „шерифи“ за заштита од жештини.

Според проценките на Советот, дури 3,5 милијарди луѓе ќе бидат погодени од екстремни топлотни бранови до 2050 година, од кои половина во урбаните средини.

Експертот за топлина од Центарот за отпорност на климатските промени при Атлантскиот совет и поранешен службеник за топлина во Атина, Елени Миривили, смета дека градовите затоа треба сериозно да се подготват.

– Обично, проблемот со жештините се решава само кога има голема криза – топлотен бран, пожар или суша. А кога таа ќе помине, сè се заборава – вели Миривили.

Задачата на „шерифот“ не е само да го подготви градот за такви ситуации и да ги заштити особено ранливите групи, туку и да им помогне на сите релевантни институции да развијат долгорочни планови за ладење на градовите.

Според Миривили, топлината мора да се земе предвид при планирањето на улиците, плоштадите и зградите, односно во сите важни политички одлуки, што е најтешкиот дел од работата.- Не можам да кажам дека бев целосно успешна во Атина. Но, успеав да го променам претходниот начин на размислување и луѓето сега разбираат дека високите температури се сериозна закана за здравјето, економијата и општеството – вели Миривили, која беше задолжена за овие прашања во главниот град на Грција од 2021 до 2023 година.

Атлантскиот совет досега го поддржа воспоставувањето на осум вакви службеници низ целиот свет, а Миривили додава дека идејата се шири сè повеќе и повеќе.

– Ако градоначалникот ја препознае важноста на овој проблем, „шерифите“ за заштита од жештини можат да направат чуда – да најдат буџет, да се координираат меѓу различните оддели и навистина да започнат работите – верува таа.

Предупредува дека топлината што ја чувствуваме сега не е ништо во споредба со она што допрва доаѓа.

– Ќе биде многу поопасно, а луѓето сè уште не се свесни за тоа. Затоа работењето на решенија сега е поважно од кога било – верува таа.

Во САД, Кенија и градови како Лондон, Женева и Париз, концептот веќе се прошири, Индија дури донесе закон со кој се бара од секоја држава таму да назначи службеник за жештини.

Помеѓу мај 2024 и мај 2025 година, околу четири милијарди луѓе (половина од светската популација) доживеале најмалку 30 дополнителни дена екстремна топлина, според извештај на повеќе институции, вклучувајќи го и Црвениот крст.

Во 195 од 247 анализирани земји и региони, поради глобалното затоплување, бројот на такви денови, барем, се дуплирал.Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), околу половина милион луѓе умираат годишно од последиците од топлотен удар – повеќето од нив живеат во Азија, но и во Европа, особено на југоистокот, а 2024 година беше втората најтопла година од почетокот на мерењата.Во Германија и низ цела ЕУ, бројот на постари лица кои се особено ранливи расте.

Градот Феникс (Аризона, САД) формираше тим од шест члена кој се занимава исклучиво со заштита од високи температури.

Во текот на летото, достапен е итен сместувачки капацитет за разладување, како и центри и станици со вода за пиење, додека во Барселона за ова се користат и музеи и библиотеки, како места за одмор и разладување.

Во Германија, градови како Келн и Фрајбург веќе ги имаат првите акциони планови, информативни кампањи и мерки за заштита на ранливите групи, а се воведуваат системи за рано предупредување и зголемено озеленување на градските „жаришта“.

Во Фрајбург, фокусот е на зелените површини и лесно достапната сенка, Келн ги прошири сенките на јавните згради, а Евангелистичката црква во Германија понуди цркви како засолништа од високи температури.

Во Базел, Швајцарија, наместо големи градежни проекти, се користи мобилно зеленило, а тој град планира да ги отстрани бетонските површини и да ги замени со зеленило.

Претседателот на Германското медицинско здружение, Клаус Рајнхарт, нагласи дека топлотните бранови стануваат сè почести, подолги и поинтензивни, за што општеството мора да се подготви – топлината ги погодува сите, без оглед на возраста или здравствената состојба.

Претседателот на Алијансата за климатски промени, Мартин Херман, вели дека ние како општество сè уште не сме разбрале кога и колку топлината станува опасна.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close