Трамп: Примирје е можно во Газа во рок од една недела
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека верува дека примирје во Газа меѓу Израел и Хамас може да се постигне во рок од една недела.
На настан во Овалната соба, на кој беше потпишан договорот меѓу Конго и Руанда, Трамп пред новинарите рече дека верува дека примирјето е блиску
Тој додаде дека штотуку разговарал со луѓето вклучени во обидот да се запре конфликтот меѓу Израел и Хамас во палестинската енклава.
Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници во Газа како дел од секој договор за завршување на војната, додека Израел инсистира дека војната може да заврши само ако Хамас се разоружа и демонтира.
-Мислам дека сме блиску. Само што разговарав со некои од вклучените, рече Трамп, додавајќи дека верува дека во следната недела договорот ќе биде постигнат.
Израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, в понеделник планира во Вашингтон да разговара со претставници на администрацијата на Трамп за Газа, Иран и можна посета на Нетанјаху на Белата куќа, соопштија британските медиуми, повикувајќи се на извор запознаен со ова прашање.
Нетанјаху пред два дена изјави дека исходот од војната меѓу Израел и Иран отвора можности за мир што Израел не смее да ги пропушти.
-Оваа победа претставува можност за драматично проширување на мировните договори. Работиме на ова со голем ентузијазам, рече Нетанјаху