Тензично во центарот на Белград – полицијата одговори на провокации и напади од дел од демонстрантите
Тензично е вечерва во центарот на Белград откако студентоте во блокада прогласија крај на протетсот во 21 часот – голема група демонстранти фрлаат кон полицијата со камења, петарди и шишиња, јави дописникот на МИА од Белград.
Големи полициски сили во опрема за разбивање демонстрации се распоредени во близина на собранието. На местото на инцидентите што почнаа нешто пред 22 часот се рапсоредува и жандармеријата.
Демонстрантите и „студентите кои сакаат да учат“ се одделени на еден булевар со вкупно три кордони – жандармерија и два кордона на полициската бригада.
Засега се знае само дека се приведени неколкумина од демонстрантите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека очекува инциденти на протестот „Се гледаме на Видовден“ во Белград и дека „насилството ќе започне помеѓу 20:45 и 21:45 часот“.
Десетици илјади студенти и демонстранти се собраа попладнето на протести во центарот на Белград, со барање за предвремени избори.
Полицијата распореди десетици полицајци во опрема за немири околу владини згради, парламентот и Пионирски парк каде се собрани студенти кои се противат на блокадите и каде денеска имаше голем број поддржувачи на властите од целата земја, јави дописникот на МИА од Белград. До 21 часот не беа регистрирани инциденти.
Од протестот на студентите во блокада беше порачано – „Земете ја слободата во свои раце, ние веруваме во вас, имате зелено светло“.
„Нема да ви кажеме што да правите, не затоа што не знаеме, туку затоа што вие знаете. Народот треба да се води според својата совест. Времето е ограничено, но не и ние. Ова е граѓански, а не повеќе студентски протест, беше кажано на официјалниот крај од протестот на плоштадот Славија во Белград.
„Денека, 28 јуни 2025 година, ја прогласуваме сегашната влада за нелегитимна“, рече студент во блокада и еден од говорниците на протестот.
Владан Ѓокиќ, ректор на Универзитетот во Белград, се обрати пред присутните, и рече дека „вечерва се собравме тука за да го потврдиме единството во одбраната на основните демократски и универзитетски вредности“.
Ѓокиќ, во говорот на граѓанскиот протест нагласи дека „студентите, со својот храбар и мирен бунт, го обединија целото општество во заедничка мисија – да ги зачуваат институциите, правдата и правото на различност“.
„Затоа чувствуваме гордост, припадност и одговорност да истраеме. Промената ја иницираа студентите, храбро, непоколебливо, а универзитетот застана покрај нив, како и покрај бунтовните граѓани“, им рече Ѓокиќ на собраните на протестот.
Според него, тие покажале дека на насилството, навредите и лагите се одговара со достоинство, упорност и смиреност.
„Како што тивката вода рони брег така и нашата ненасилна борба носи трајна и длабока промена во општеството“, рече ректорот на БУ.
Студентите во блокада вечерва објавија на социјалните мрежи дека ултиматумот што го поставија до Владата на Србија истече во 21:00 часот.
„Ултиматумот истече“, кратко објавија студентите на Инстаграм, заедно со фото од семафор со зелено светло.
Тие претходно поставија ултиматум до Владата на Србија да распише вонредни парламентарни избори и да го прекине собирот што се одржува веќе неколку месеци во Пионирски парк и пред Народното собрание.