Вучиќ прогласи победа над студентите откако полицијата ги растера со солзавец,
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во објава на Инстаграм од шаторот во Пионирски парк каде што седеше со „студенти кои сакаат да учат“ ја објави нивната победа.
„Еве ме тука во Пионирски парк, или како што сакаме да го наречеме, Ќациленд, со гордост, со овие прекрасни млади луѓе кои само сакаат да учат и кои сега сфаќаат дека конечно победиле“, рече Вучиќ.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, објави дека студентите на вчерашниот протест во Белград на плоштадот Славија повикале на граѓанска војна.
„Блокаторите не го завршија својот митинг на Видовден со зборовите – Да живее Србија. Завршија со морничав повик за убивање на Србија, монструозен и отворен повик за граѓанска војна. Памти Србијо“, напиша Брнабиќ на социјалната мрежа X.
Оретходно српската полиција употреби солзавец вечерва во обид да растера демонстранти во центарот на Белград кои фрлаа кон нив со шишиња и петарди. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ ги осуди нападите врз припадниците на полицијата од страна на учесниците на протестот на плоштадот Славија.
„Остро ги осудувам бруталните напади од страна на учесниците на непријавениот митинг во Славија врз припадниците на полицијата. Полицијата ќе преземе сите мерки за воспоставување на јавниот ред и мир, ќе ги одбие сите напади и ќе ги примени сите овластувања за одбивање на нападите, како и ќе ги уапси сите оние кои ја нападнаа полицијата“, рече министерот Дачиќ.
Припадници на жандармеријата почнаа со интервенции за растерување непосредно пред 22 часот во центарот на Белград против група млади лица кои, по завршувањето на студентскиот протест, фрлаа факели и петарди кон нив.
Немирите почнаа неколку минути по завршувањето на собирот, а откако студентското обезбедување го напушти просторот што ги одвојуваше демонстрантите и приврзаниците на власта кои се пред српското Собрание.
Неколку учесници во повеќе инциденти се уапсени, а полицијата не им дозволи на новинарите да го снимаат апсењето.За време на полициска интервенција, повреден е и асистентот на телевизијата Н1, Јован Павловиќ, јавува телевизијата.
Претходно, групи на маскирани мажи се судриле со полицијата во близина на црквата „Свети Марко“. Тие фрлаа шишиња и ракетни факели кон полицијата, а беа испукани и неколку топовски истрели.
Полицијата се судри со демонстрантите и на булеварот Крал Александар, а интервенираше и на улицата Кнез Милош, во близина на турската амбасада во Белград. Како што јавува Н1, во еден момент биле испукани неколку топовски истрели и петарди.
Официјалниот крај на студентскиот протест беше прогласен преку звучниците на плоштадот Славија околу 21:45 часот.
„Од овој момент, ова повеќе не е студентски протест. Ние остануваме тука како граѓани. Оваа борба не е само студентска. Денес, сите бараме избори. Сите ќе се кренеме и сите ќе победиме“, се вели во снимена порака емитувана на звучниците.
Извор: nezavisen.mk