Обвинители постапувале по првата пријава од Арсовска. Граделе на диво со црни пари
„Таму веќе се водат уште 2 постапки претходно започнати за Висар Ганиу (градоначалникот на Чаир, н.з.), од кои првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде незаконски легализирале со уште еден соучесник“, посочува Арсовска.
Се очекува обвинителите да направат проверки на документацијата на Општина Чаир за случаите наведени во пријавата, како и споредба на тие податоците со податоци во други институции во однос на статусот на посочените градби.
Книга на рекорди
Арсовска веќе најави дека ќе обелодени и нови случаи.
„Од понеделник следете нѐ со нови 20 случаи на криминал“, објави таа, откако минатата недела до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) веќе достави докази за 20 незаконски легализации на дивоградби.
Таа очекува и ОЈО ГОКК да почне да постапува, како што вели „против организираната криминална банда во општина Чаир“.
„Таа овозможувала градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори, кои згради ги запишувале на лица кои наводно граделе на 5,6,10 и 11 години, а сега се милионери”, тврди скопската градоначалничка.
Во изминатиот период Арсовска посочуваше разни примери за незоконски легализации, како на пример, куќа градена во 2018 година која била легализирана како да е градена во 2011 година. „Гинисова книга на рекорди” ги нарече наводите во пријавата доставена до ОЈО ГОКК.
Посочи пример на млад претприемач кој во 2010 година, на 11-годишна возраст, изградил зграда од еден милион евра, за која поднел барање за легализација кога имал 12 години, а зградата всушност била изградена за неколку месеци во 2024 година. За ова, според Арсовска, имало службени официјални докази од Агенцијата за катастар за недвижности.
Дали станува збор за антидатирање, односно фалсификување на документи, ќе утврдуваат надлежните институции. Таа очекува да се утврди колку предмети се заведени во оригиналната архивска книга за која истрага води Јавното обвинителство и колку ги има во електронската евиденција на Министерството за транспорт.
„Менување на електронската евиденција на легализации во Министерството за транспорт исто е кривично дело! (некој може и таа веќе ја обезбедил како доказ)“, предуреди Арсовска.
Сива и ризична зона
Со оглед на тоа дека бесправното изградените објекти немаат соодветна документација, надзор, статичка и сеизмичка пресметка, хидрантски мрежи, план за евакуација, непречен пристап до објектите и излез за итни ситуации, истите спаѓаат во потенцијални ризични точки во случај на земјотреси, пожари и други непогоди. При постапката за легализација, освен геодетски проект за квадратурата, нема податоци за квалитетот на материјалот од кои се градени, од каде се набавени, кој го градел објектот итн, со што стручните лица не може да добијат дури ни провизорна проценка за (не)безбедноста на тие објекти.
Колкав е бројот на такви критични точки никој точно не знае. Иако се оперира со бројка од 50.000 дивоградби во земјата, се смета дека нивниот број е многу поголем. Според податоците на Државниот завод за статистика во текот на 2023 година, на територијата на државата биле регистрирани 780 бесправно изградени објекти, во 2022 година 662, а во 2021 година 739. Најголем број бесправно изградени објекти, над 90%, биле во приватна сопственост.
Небезбедност и нееднаквост
Вчерашниот земјотрес регистриран во Валандово, Арсовска го искористи како повод да потсети: „Македонија е трусно подрачје – никој не вели да не градите, ама градете по пропис, без фалсификати и криминал!“
Во сите нејзини изјави потенцира дека предупредува за небезбедност и криминал.
„Зборуваме за луѓе кои се измамени да купуваат станови во згради за кои ниту знаат ниту се свесни дека се нелгални. Некој ги лаже, тие купуваат станови. Кој ќе ги обесштети? Со години некои не можат да легализираат гаража, а некој во исто време незаконски гради зграда од 12 ката. Зборуваме за небезбедност, зборуваме за нееднаквост, за неправда и за криминал”, тврди Арсовска.
Посочува дека според член 2 став 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, се легализираат помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, времени објекти наменети за домување или посебни делови од објекти пренаменети без одобрение за пренамена, а не згради.
„Ова не е гаража или соба, туку е небезбедна зграда на 12 ката без документи и без проект“, реагираше таа во изминатите денови.
Туѓ инструмент
Во година на локални избори, од ВЛЕН, чиј кадар е градоначалник на општината Чаир, немаат дилема дека офанзивата на Арсовска има политички потпис, односно дека таа е инструмент на конкретен нарачател. Нејзините обвинувања ги нарекоа циркус и порачаа таа да ја провери состојбата со дивоградбите во Општина Сарај (раководена од кадар на опонентската партија).
Од ВЛЕН се пофалија со бројни резултати, а неодамна објавија дека во опшината почнал еден од најголемите инфраструктурни проекти – реконструкција на водоводната и фекално-атмосферската канализациона мрежа во населбата Дижонска, со инвестиција од речиси 1,5 милиони евра.
Проектот опфаќа вкупно 16 улици и улички во рамки на населбата и има за цел директно да го подобри квалитетот на живот на над 1.000 семејства. Преку таа инвестиција треба да се обезбеди стабилно снабдување со чиста вода за пиење и ќе се воспостави ефикасен систем за одведување на отпадни и атмосферски води. (Dw)