Директори на Националниот парк Маврово локални функционери на ВМРО ДПМНЕ украле 50 илјади евра од буџетот
Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Маврово и Ростуше, Харис Ибраими и Гоце Анастасоски, раководител во Националниот парк Маврово и истакнат член и активист на ВМРО-ДПМНЕ, го оштетиле Буџетот на 50.000 евра. Оваа информација е содржана во полицискиот билтен во кој е наведено дека против три лица се поднесени кривични пријави за несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластување.
– СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.И.(40) од општина Маврово и Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, Г.А. (44) од с. Ниќифорово, раководител на Одделение за одржливо користење во ЈУ „Национален парк Маврово“ и А.Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство, за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“. Во текот на март и април 2025 година, првопријавениот ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво-ела во ЈУ „Национален парк Маврово“ на место викано „Брана“, а за вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот.
Првопријавениот најпрво испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла од дрво -ела, оштетени од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање на должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово, без претходно се објави оглас за сечата за да истата биде јавна и транспарентна.
Од страна на третопријавениот е наведено да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403м3 дрво-ела и 55м3 дрво- бука, што не соодветствува со реалната и фактичката состојба подоцна утврдена на лице место. Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење на заштитена шума во Национален парк Маврово и согласно спецификација од Шумска полиција Гостивар, сечата е извршена само во одделот 67а, каде исечени се вкупно 858.75 м3 повеќе кубатура од предвиденото. Третопријавениот на 10.03.2025 година изготвил записник за извршен инспекциски надзор и Решение во кои внел лажни и невистинити податоци. На овој начин пријавените, се стекнале со противправна имотна корист од извршената нелегална сеча, се до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи, на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“ во износ од 3.005.625 денари. – стои во полицискиот билтен.
Двајца од тројцата за кои е поднесена кривична пријава на социјалните мрежи, покрај пофалбите за владејачката партија, објавувале и фотографии со премиерот Мицкоски.
Ибраими е и директор на Националниот парк Маврово.
Според кривичната пријава од МВР, делата се сторени во март и април 2025 година.