Гангренозно ткиво
Почитувани читатели и денешнава колумна ќе ја посветем на Еуростандард банката, однесена во стечај по желба на сивата еминенција. Нејзиниот императив е скриено, замаскирано владеење во Македонија. Нејзината моќ не е во политичкиот наратив, туку со својата моќ финансиски да го владее политичкиот и севкупниот општествен живот во Македонија.

Гангрената е сериозна болест со две алтернативи: брзо лекување или ампутирање. Впечатокот ми е ист како и соочувањето со оваа сериозна болест која може да биде опасна по живот. Изумирањето на здравото ткиво е наша општествена некроза и изумирање на здравите клетки како последица од долгорочни повреди на системот. Македонија е заробена држава од организираниот криминал и корупцијата, дијагностицирана гангрена која ги зафати сите клетки и пори на нашето живеење .
Дури и најчесните мои сограѓани кои никогаш не сакале да бидат дел од криминалот и корупцијата, свесно или несвесно стануваат дел од него. Негови соучесници и несвесни поддржувачи
И јас и вие, мои чесни сограѓани, сакале да признаеме или не, соученици сме во организираниот криминал и корупција во нашата држава.
Животот на секој поединец во нашата земја функционално е поврзан со сите институции на системот. За жал, длабоко навлезениот организиран криминал и корупција во институциите на државата создаваат силна почва за развој на гангренозно општество.
Владата предводена од господинот Мицковски најави сериозна борба против организираниот криминал и корупција. Измина една година од нивното владеење и резултатите од оваа борба се, повеќе или помалку, минорни.
Најголемиот проблем во нашиот систем е постоење на независност на институциите, што во основа ја кочи борбата против организираниот криминал и корупција.
Независните институции, како судството и Јавното обвинителство, со смешна доверба меѓу граѓаните од 2%, се главниот бастион во одбрана на организираниот криминал и корупција.
Очигледно и најсилната политичка државничка функција како што е „премиер на Македонија” не е во состојба да го реши овој проблем.
Совеста на граѓаните, во едно комплетно неорганизирано општество со добро организиран криминал кој владее со корупција, е на многу ниско ниво, посебно кај луѓето коишто го водат судството и обвинителството.
Материјалниот интерес, впрегнат од политичарите преку криминал и корупција е главниот чинител за метастазирањето на гангрената во нашето секојдневие.
Си ја уништивме државата. Си ги уништивме нашите сограѓани. Свесно или несвесно си ја уништивме иднината. Повеќе од очигледно е дека голем процент од сограѓаните ја изгубија довербата во државата. Во прашање е нејзиното опстојување.
За жал, во политиката на нашите соседи Бугарија и до некаде Грција, имаме вистински непријатели. Тие не сакаат да ја видат нашата нација Македонци, посебноста на држава Македонија и јазикот македонски.
Гангрената од која е заболена Македонија оди во прилог на соседна Бугарија. Таа со сета сила се меша во внатрешните работи на Македонија со тотален негаторски однос кон нас Македонците , кон нашиот македонски јазик, кон нашата култура, уметност и историја. Со еден збор, кон сѐ што е Македонија.
Во составот на бившата СФРЈ бевме една од рамноправните републики. Далеку од тоа е дека односите меѓу републиките во СФРЈ беа идеални, но никако не беа доведени до вакви задни намери како со денешна Бугарија.
Старата македонска мудрост вели: „Ако има лек , ќе има и век”. Гангрената навлезена во сериозно себеуништувачка фаза мора час поскоро да се стопира, за да не се ампутира и здравото ткиво.
Кога е во прашање организираниот криминал, корупција и додатно негаторскиот однос кон нас од нашиот сосед, тогаш мора да преземеме чекори. Некому ќе му изгледаат ригидни или радикални, но целта ги оправдува средствата – да ја сочуваме државата и да отпочнеме да градиме општество со човечки вредности.
Ако го отпочнеме овој процес, ќе го сопреме и масовното иселување на младата популација, која во основа претставува суштински капитал на секоја држава.
Стечајот на Еуростандард банка мора да има разрешница. Чинителите на овој грозоморен чин мора да се соочат со лицето на правдата, а јас и моето семејство да бидеме целосно обештетени.
Госпоѓата Бежоска, екс гувернерката која без причина ја однесе Еуростандард банка во стечај, си замина од функцијата со чисто CV. Гувернер носи во стечај банка без никаков чист повод туку со чиста наредба! Ова го велам и тврдам, затоа што денес сите правни и физички лица се обештетени од банката. Во стечајната маса сѐ уште се собираат финансиски средства, а имотот на Еуростандард банка се крчми по багателни цени. Одговорност мора да има.
Новиот Гувернер, господинот Славевски мора најодговорно да влезе во суштината за стечајот на Еуростандард банка.
Во целиот современ свет Еуростандард банка е веројатно единствена банка која е однесена во стечај, а сите клиенти правни и физички лица се целосно исплатени.
Продолжувам! Продолжувам да го барам лекот за системската некроза. А лекот е кога:
ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА ЌЕ СЕ СТОПИРААТ ЧАС ПОСКОРО.
Трифун Костовски