Намерно бил подметнат пожарот на плацот во Кочани каде што изгореа три автобуси и комбе

Пожарот во Кочани што избувна на почетокот на неделава на плац во близина на бензинската пумпа „Авто Петрол“ во населбата Оризари, бил намерно подметнат, велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.

Обвинителството отворило постапка, се прибираат материјали за да се утврди кривична одговорност за пожарот.

– Извршен е увид на лице место од страна на полициски екипи, прибрани се материјални докази. Од снимките од видеонадзорот се гледа дека пожарот бил намерно подметнат. Се преземаат мерки за идентификација на сторителот, се прават вештачења за да се утврди кривичната одговорност за подметнувањето на пожарот – велат од Обвинителството.

Големиот пожар избувна ноќта меѓу 30 јуни и 1 јули околу 2.30 часот на плац веднаш до бензинската пумпа и целосно изгореа три автобуси и едно комбе, сопственост на приватна фирма, превозник од Кочани.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, за среќа немаше повредени лица, иако пожарот се развил во непосредна близина на пумпата.

– Навремената интервенција ја спречи трагедијата – информираа од МВР. Пожарот бил локализиран и изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица од Штип

Жителите сведочеа дека се слушало пукање и експлозии и следувала паника за да не се прошири пожарот до бензинската пумпа.

Според нашите информации од истражните органи, иако имаше шпекулации, приватната компанија најверојатно не била во сопственост на родител на загинато дете во големата трагедија во „Пулс“, туку се работело за поклопување на лични податоци, но ќе се бараат информации од Министерството за внатрешни работи со сите податоци за да се утврди и мотивот за подметнувањето.

Овој пожар се случува по повеќе од три месеци од големиот пожар во кочанската дискотека кога изгореа 62 млади луѓе

Back to top button
Close