Костадин Костадинов го замрзна членството во СДСМ: „Ова не е крај, туку почеток на нов тек“


Костадин Костадинов, актуелниот градоначалник на Струмица, објави дека ја замрзнува својата партиска активност во СДСМ, откако не беше избран за кандидат на претстојните локални избори. Во обраќање полно со емоции и политички пораки, тој порача дека нема да се кандидира повторно, иако никогаш досега не загубил избори.

„Ова не е крај. Ова е момент кога човек мора да зборува чесно и од срце. Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена“, изјави Костадинов.

Тој упати директна критика кон актуелното раководство на СДСМ, обвинувајќи за безидејност, недостаток на храброст и отсуство на вистинска понуда за граѓаните. Сепак, подвлече дека останува социјалдемократ „не по книшка, туку по вредности“.

Во објавата најави и создавање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Според него, тоа ќе биде „доволно прецизно за да обедини авторитети, но и доволно забавно за да ги привлече младите“.
„Не сакам да бидам градоначалник по инерција. Сакам да бидам избор по потреба, по убедување, по визија“, вели Костадинов, истакнувајќи го неговото досегашно портфолио како едно од најсилните во Македонија – со проекти како електричен јавен превоз, нов урбанистички план и зелени пазари.

Костадинов порача дека својата конечна одлука дали ќе остане во СДСМ или ќе дејствува надвор од партијата ќе ја соопшти во две фази – првата во септември, а втората по изборите.

„Да се повлечеш кога си најсилен е најголема храброст“, заклучи тој.

Back to top button
Close