ОН за човекови права: Властите во Белград да ја почитуваат слободата на изразување и собирање; Во Белград целосен прекин на градскиот јавен транспорт
Канцеларијата на ОН за човекови права вечерва објави дека внимателно ја следат ситуацијата во врска со протестите во Србија, и ги повикаа властите да ја почитуваат слободата на изразување и собирање.
„Внимателно ја следиме ситуацијата бидејќи имаше извештаи за насилство, малтретирање и произволни апсења на демонстранти“, објави канцеларијата преку социјалната мрежа X и ги повика властите во Белград да „се воздржат и да ја почитуваат слободата на изразување и мирното собирање“.
Во краткото соопштение се наведува и: „Повикуваме на спроведување мерки за градење доверба за да се отвори патот за обновување на општествениот договор“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, за време на неговата посета на Белград кон крајот на мај оваа година, рече дека забележал „длабока поларизација и поделба во општеството“ во Србија.
Според белградските медиуми, ов вечерва не е во функција градскиот сообраќај откако е одлучено автобусите да бидат повлечени од улиците. Трамваите и тролејбусите веќе прекинаа со сообраќање денеска поради се поголемот број протестни акции на студентите во блокада и граѓани кои ги поддржуваат.