Протести во Србија: Автократијата се ниша
Стратегијата на демонстрантите во Србија полека но сигурно ги излудува и полицијата и автократската власт, пишуваат германските медиуми. Според нив, властите не можат да излезат на крај со креативноста на студентите.

Ситуацијата во Србија се заострува, оценува германската новинска агенција КНА. „Она што започна како протест против корупцијата сè повеќе се претвора во тест за владата. Во Србија, студентите сè повеќе се свртуваат кон граѓанска непослушност, а полицијата одговара со бран апсења.“
„Со протестите во вид на седење, поставување контејнери за отпад и други барикади, демонстрантите привремено го парализираат сообраќајот во Белград, Нови Сад и други градови“, пренесува агенцијата. „Овие акции следеа по масовните демонстрации во саботата, на кои повеќе од 100.000 луѓе во главниот град побараа предвремени парламентарни избори.“
Методот е мирен и иновативен – и ја излудува полицијата
„Во Белград со денови не може ништо да се испланира“, пишува берлинскиот Тагесцајтунг. „Каде и да се упатите, наидувате на барикади подигнати од бунтовните граѓани. Луѓето постојано среќаваат специјални полициски единици во полна борбена опрема со заканувачки црни маски на лицето.“
„Јавниот превоз е во застој. Само во средата во Белград беа откажани триесетина линии. Секојдневно се апсат десетици ‘терористи’ – односно, граѓани кои мирно протестираат на улиците. Граѓанските протести што ги започнаа студентите, а кои траат веќе повеќе од половина година низ целата земја, како блокади на факултети, влегоа во нова фаза – граѓанска непослушност.“
Група демонстранти минуваат низ полициски кордон за време на блокадите во Белград, СрбијаГрупа демонстранти минуваат низ полициски кордон за време на блокадите во Белград, Србија
Германскиот весник оценува дека пресвртот се случил по протестите на 28 јуни и судирите меѓу полицијата и демонстрантите кои следеле потоа. „На 29 јуни, по бурната ноќ, ситуацијата првично се смири. Автократот Александар Вучиќ прогласи победа, а студентите ги пребројуваа крвавите глави и уапсените. Но потоа вечерта, за само еден час, целиот Белград беше блокиран, при што беа погодени најважните раскрсници и мостови преку Сава. Тие блокади оттогаш продолжуваат.“
„Методот е мирен и иновативен, и ја излудува целосно немоќната полиција“, пишува весникот. „Групи граѓани ги блокираат улиците и подигаат барикади во своите населби. Кога ќе пристигне полициската единица, тие ги слушаат наредбите да се тргнат, ѝ го препуштаат расчистувањето на барикадите на полицијата и чекаат додека не си заминат. Кога тоа ќе се случи – сè почнува одново. Полицијата е целосно преоптоварена. Жешко е и запаливо. Полицајците со кациги и опрема не само што се исцрпени, туку се чувствуваат и понижени од оваа игра на мачка и глушец.“
Тагесцајтунг заклучува: „Автократијата се ниша. Еден дваесетгодишен студент го сумираше тоа вака: ’Нема ништо поопасно за еден авторитарен режим отколку кога граѓаните веќе не се плашат и кога му се потсмеваат на автократот’.“(dw)