Претставничкиот дом на САД го усвои законот на Трамп за нови даночни олеснувања за богатите
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои предлог-законот на претседателот Доналд Трамп, кој предвидува значителни даночни намалувања и кратења на трошоците во износ од 4,5 трилиони долари (3,8 трилиони евра).

За законот гласаа 218 пратеници, додека 214 беа против. Двајца републиканци им се придружија на демократите во противењето на предлог-законот.
Трамп постави краен рок до 4 јули за Конгресот да го усвои законот. Сенатот веќе го одобри предлог-законот.
Законот на Трамп, наречен „голем и прекрасен“, кој предвидува нови даночни олеснувања за богатите и трајно продолжување на даночните намалувања од 2017 година, по усвојувањето од Претставничкиот дом и сега чека потпис од Трамп.
Според Центарот за даночна политика, даночните обврзници со приходи од 1 милион долари или повеќе ќе забележат зголемување на нето-приходот по оданочување од околу 3% во сенатската верзија на законот, во споредба со националниот просек од 2,5%. Во просек, милионерите ќе имаат зголемување на приходот од 75.000 долари во 2026 година.Законот ги продолжува речиси сите клучни одредби од даночните намалувања од 2017 година, при што некои стануваат трајни, и воведува нови даночни олеснувања, особено за инвеститорите во мали бизниси.
Според Си-Ен-Би-Си, меѓу промените, пет се најзначајни за богатите.
SALT одбитоци: Сегашната граница од 10.000 долари за одбитоци за државни и локални даноци (SALT) се зголемува на 40.000 долари за оние со приходи под 500.000 долари, со годишно зголемување на прагот од 1%. Сенатот ја задржа можноста за заобиколување на оваа граница преку данокот за субјекти со преносна сопственост (PTET), што главно ги фаворизира сопствениците на бизниси, но не и вработените во нив.
Квалификувани акции на мали бизниси (QSBS): Прагот за дефинирање на „мал бизнис“ се зголемува од 50 на 75 милиони долари, а изземањето од данок на капитална добивка од продажба на акции се зголемува од 10 на 15 милиони долари. Воведен е и нов систем за даночни олеснувања за продажба пред истекот на пет години.
Данок на наследство и подароци: Законот го прави данокот на наследство траен, со зголемување на изземањето на 15 милиони долари по наследство или 30 милиони за парови, индексирано за инфлација.
Детализирани одбитоци: За даночните обврзници во највисоката даночна категорија, вредноста на детализираните одбитоци е ограничена, па наместо 37 центи, тие добиваат 35 центи за секој одбиен долар над прагот.
Филантропија: За даночните обврзници со пониски и средни приходи, законот овозможува одбиток за добротворни донации до 1.000 долари за поединци и 2.000 долари за брачни парови, дури и ако користат стандарден одбиток. За богатите донатори, пак, вредноста на добротворните одбитоци е намалена со нов праг од 0,5% од прилагодениот бруто-приход, што значи дека некој со приход од еден милион долари нема да добие даночно олеснување за првите 5.000 долари донации.
„Големиот прекрасен закон“ претставува амбициозен обид да се исполнат предизборните ветувања на Трамп, вклучувајќи даночни намалувања, засилени имиграциски контроли, зголемување на воените трошоци и промоција на фосилни горива..
Околу 178 милијарди долари (150 милијарди евра) се наменети за програми за ограничување на имиграцијата, вклучително продолжување на изградбата на ѕидот на границата со Мексико, како и зајакнување на граничната полиција, имиграциските судски постапки, притворот и криминалните истраги.
Дополнително, 153 милијарди долари се издвоени за одбрана, вклучувајќи бродоградба, ракетна одбрана, нуклеарно оружје и поддршка за воена помош на границата.
Законот ги укинува мерките за поддршка на електрични возила, чиста енергија и намалување на емисиите, воведени од поранешниот претседател Џо Бајден, додека истовремено промовира екстракција и извоз на фосилни горива.
Промените во здравствените и социјалните програми, особено во програмите за Медикед и SNAP (помош за храна), би можеле да остават милиони луѓе без здравствено осигурување до 2034 година, според независната Конгресна буџетска канцеларија. Вкупно, повеќе од еден трилион долари се скратени од здравствените мерки.„Околу 17 милиони луѓе би можеле да останат без покритие“, изјави Елизабет Рајт Бурак од Центарот за деца и семејства при Универзитетот Џорџтаун. – Дури и со даночни олеснувања, губењето на здравственото осигурување или помошта за исхрана е удар врз личните финансии, изјави таа.
Законот, исто така предизвика поделби во општеството. Анкетата на Универзитетот Квинипијак од крајот на јуни покажа дека 55 отсто од американските гласачи се против, додека 29 отсто го поддржуваат. Поддршката е поголема меѓу републиканците, но опаѓа кога на гласачите им се објаснува содржината. Фискалните конзервативци изразуваат загриженост за зголемувањето на националниот долг за 3,4 трилиони долари (2,3 трилиони евра) во следната деценија, а границата на долгот е подигната за 5 трилиони долари, наведува Дојче веле. Дури и Елон Маск, некогашен сојузник на Трамп, се закани дека ќе поддржува кандидати против републиканците кои го поддржале законот.