Времето на храброста истече. Беше очекувано
Дали Македонците конечно ќе престанат да се плашат од нивните сенки и иднината? Се разбира, доколку им дозволи нивниот страв. Пишува Љупчо Поповски
Има една совршен цитат на Луис Керол, англискиот писател кој ја напиша „Алиса во земјата на чудата“, кој извонредно одговара на политиките на популистите денес кои сакаат и поединците, па и јавноста, да се повинуваат на нивните ставови. Тој цитат (не е од „Алиса“, туку од поемата „Ловот на Снарк“) денес често се употребува во Америка за да се објасни начинот на кој државата ја раководи Доналд Трамп.
Стихот е овој:
„Трипати го кажав ова: Она што ти го кажувам трипати е вистина“.
Така и некни, кога стана јасно дека во извештајот на Европскиот парламент за Македонија, најверојатно со амандман ќе биде исфрлена реченицата за „целосен респект на македонскиот јазик и идентитет“, премиерот Христијан Мицкоски по трет, четврти, петти… енти пат го кажува она за кое претендира дека е вистина.
Амандманот за бришењето на реченицата за јазикот и идентитет дојде по иницијатива на Европската народна партија (групацијата во која членува ВМРО-ДПМНЕ), а се приклучија групите Социјалисти и демократи и либералите од Обнова. Него го поднесоа Полјакот Анджеј Хралицки, Белгијката Кетлин ван Бремт и Романецот Дан Барна.
Кога станува јасно дека веројатно нема ништо од големиот пропаганден влог пред локалните избори и клучниот адут во дипломатската „битка“, скиселениот Мицкоски домашниот вокабулар го пренесе во Европскиот парламент и даде изјава поради која на функционерите во Брисел им се кренале веѓите и почнале да ги тријат очите за да видат дали е точно она што пишува во каблограмот на делегацијата на ЕУ во Скопје.
Мицкоски рече:
„На талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот за земјава во Европскиот парламент. Тоа дочекавме како народ во 21. век“.
Па, прикажуваше: „Ние деновиве предупредивме дека ќе се случува ваков инженеринг. За нас е подеднакво лошо тоа што се брише од извештајот ‘македонски идентитет’ и ‘македонски јазик’ исто како и да стоеше ‘модерен’, но она што е важно да се напомене е оној мал чекор кога помина во Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет, така што ќе остане во колективната меморија дека за првпат некогаш поминал македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на ЕУ – Брисел“.
Луис Керол и Мицкоски
И како стихот од Луис Керол, она што го кажува по енти пат значи дека е вистина, рече:
„Ете тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“.
А не неговата партиска групација претставена од Анджеј Хралицки и другите двајца европратеници.
Тешко може да се најде политичар, не само овде, туку и во Европа, кој ќе признае дека една стратегија кој ја конципирал и потоа со соработниците ја спроведувал била погрешна кога донела лоши резултати. Па макар тоа биле и ужасно лоши резултати. За тоа е потребна сериозна политичка храброст, знаење и одважност. Ако е храброст да се каже дека дека за првпат во ЕУ бил споменат македонскиот јазик – тоа е погрешна храброст. Всушност, не е ни храброст. Тоа е бегство од сопствената слобода кога треба барем малку да се држиш до вистината. Само два факти за ова – во преговарачката рамка стриктно е наведено „македонски јазик“, а и договорот со Фронтекс е потпишан на македонски јазик.
Но „она што го кажувам трипати е вистина“ значи дека Македонија постигнала најголем успех во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, што ќе останел во „колективната меморија“. Тоа е е таа храброст што се надоврзува на приказната за гордоста од лани. Всушност, храброста во овој случај преминува во молчење поради стравот да се признае сопствениот неуспех.
Апропо осуммесечните протести на студентите и граѓаните во Србија за одговорност за падот на настрешницата во Нови Сад и смртта на 16 луѓе, едно писмо напишано во 1985 година и објавено во НИН, на своевиден начин ја отсликува големата внатрешна борба кај српските граѓани – да се биде храбар или не. Него го напиша генијалниот актер Зоран Радмиловиќ (многу добро познат на постарата генерација) – неповторливот „Радован Трети“ или „Кралот Иби“, или дел од дружината на „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Она што Радмиловиќ го пишува во писмото во голема мерка може да се однесува и за психолошката состојба на Македонецот денес. Македонецот се откажува од храброста да се соочи со предизвиците, ја турна настрана рационалноста и реши да се бори со сопствените сенки – две, три, колку и да се. Во битка која е однапред загубена, затоа што никој не ја добил битката со сопствените сенки.
Стравот и Зоран Радмиловиќ
Во ова писмо, напишано во 1985 година, откако една претстава беше забранета, Радмиловиќ не бара сожалување. Тој ја бара вистината и потсетува дека тоа започнува во моментот кога поединецот ќе престане да се плаши.
Ова е писмото, во целост:
„Актерите отсекогаш биле плашени, заплашувани, напаѓани. Со векови. Од самите себе и од другите. Систематски. Актерите, уште од кога постоеле, беа пониски суштества. Меѓу глумците се бегало од дома, актерите во куќи не беа примани. Глумците биле закопувани пред ѕидините на гробиштата. Дури и големиот Молиер. Храната не му се давала на актерот во рацете за да не се биде заразен со допирање.
Девојките ги сакале актерите, но им било тешко да се омажат, освен по цена на проклетството на нивните родители. Како по правило, актерките биле прогласувани за курви, дури и после нивните педесетти години. Во моментот кога стариот чичко Есхил го измислил првиот актер, започна тоа илјадагодишно бегство.
Бегање од луѓе кај луѓе. Велат дека еден од првите бил извесен Теспис, но тешко дека ќе се сетеле на него ако не била неговата позната хистрионска кола, која ја користел за да избега и да се скрие. Сето тоа во луда надеж дека ќе го сретне вистинскиот човек.
Гледачи секогаш имало и ќе има, но тој го барал оној меѓу нив што ќе му овозможи достојно да го проживее тој свој смешно блесав живот. Не го најде. До денеска.
Знам дека сега ќе се најде некој ‘мудросер’, кој ќе ме информира дека ‘до денес’ – не функционира! Ќе се обидам да го убедам дека тоа е така. Токму така!
На денешните актери, додуша, им даваат да јадат од раце, во глумци не се бега, дури ни родителите со глупава надеж дека тука може да добро да се заработи, ги туркаат своите деца во оваа работа. Актерите дури и се женат со пристојни девојки, иако претпочитаат актерки. Актерите се курви евентуално до својата триесетта година, по што се третираат само како ‘уметници’. Значи, многу работи се променија во овие две илјади години. Освен стравот, кој е исконски. Она што остана беше тој пуст, сега тешко објаснет страв, плашливоста што ги прави актерите пониски суштества.
И сака актерот, сака! Тој сака да биде и храбар и достоинствен, и супериорен кога – го сака и го сака тоа дури и повеќе од неговиот уметнички успех (или барем така му се чини?), се обидува да се чувствува рамноправен, значаен. Тој исто така сака да подвикне, да дискутира, да одлучува за нешто.
Но, сè е неговото несвесно јас. Посилниот, главен дел од неговата личност – ГЛУМАТА, или покажување себеси каков што не си, а би сакал, ох, како би сакал!
Во основата, во темелите, на покривот и околу таа трошна куќа лежи пуст страв! Страв од вчера, за кој не си сигурен дали било добро, страв од денес, за кој не си свесен, страв од утре, за кој, покрај другите, нормални луѓе, со нетрпение чекаш дали ќе можеш да го повториш она од вчера?
А кој нè плаши? Секако, прво ние самите. Потоа ‘другите структури’, да го употребиме тој недофатлив збор на младите политичари. Структури кои одлучуваат ја држат силата и моќта. Моќта на нашиот мал ум и моќта на нашиот страв. И работата е многу едноставна! На дофат на раката, така да се каже. Само треба да се каже – НЕМА ДА ГО ПРАВАМ ТОА ПОВЕЌЕ! Само неколку збора, неизговорени или скриени некаде за овие 2000 години. И можеби уште два – МАРШ ТАМУ!
Само оној на кого некогаш му паднало на памет да каже такво нешто знае колку и како да си го стиска задникот за такво нешто. Беше на работ, му беше на врвот на јазикот, само што не грекна, ако нешто важно и неизбежно не го спречише и.т.н… и.т.н… Секако, не го направи тоа, но барем знае како му беше! Структурите го знаат ова и се насмевнуваат (дури и без злоба!), тука и таму и со сочувство. Кој сериозно и долго би се лутел на децата? Структурите се стабилни и вечни, ние сме минливи, еднодневни. Како таков, ЕФЕМЕРЕН (израз на театарските критичари!) го продолжувам, еве, ова мое неволно размислување. Се обидувам, имено, оваа ноќ од крајот на ’80. година, да престанам да се плашам. Секако, колку што ќе ми дозволи мојот страв. Да влезам во Новата година помазан.
Решив повеќе да не се плашам од луѓето, туку само од Бога, за секој случај. И така, отсега, повеќе не се плашам. Не се плашам од своите претпоставени, своите режисери, сопствените СИЗ-ови, своите началници, директори, своите критичари, своите судии, своите оценувачи, потценувачи, преценувачи. Едноставно, повеќе не ми е гајле! Мора да ми верувате на збор, кога не си верувам себеси.
Затоа нека се носат структурите, нека се носат претпоставените: ги фатив во лага многупати (без ни да трепнат!), нека се носат СИЗ-овите, ним им е подобро без нас, нека се носат критичарите, оценувачите и другите, и онака го мразат она што го прават, тие и така немаат доволно време, информираноста и стручност за таа моја смешна работичка која се вика театар, тој екстремен феномен, кој скромно си ја присвојува титулата на една од најстарите културни дисциплини во текот на милениумот.
Нека се носат телефоните (многу претстави беа симнати преку телефон) нека се носи и телевизијата (претплатата е скапа и ми се губи бојата) и радиото (сè уште не верувам дека нема мали луѓе внатре!) и весниците, бидејќи ме плашат и како уметник и како личност…
Нека се носат… но моето време на храброст веќе истече, како што очекував. Затоа би сакал да прекинам и да се извинам, ако е некако можно! Што ми требаше ова!? Не знам што друго да кажам! Не навредувајте се, се шегував, жими мајка.“
Во писмо на Зоран Радмиловиќ, можеби изгледа предолго за еден текст во ваков формат, но веројатно забележавте – таа приказна за храброста од времето на СФРЈ (и во Белград) нѐ следи до денес овде.
Да го парафразираме – изгледа времето на храброста во Mакедонија истече. Остана само заплашувањето со наводното толку многу страшно идно непознато, па затоа треба да се смрзнуваме во став мирно и да се ужасуваме при споменувањето на полнетите пиперки и манастирите. Како тоа да е вселенска навреда.
А Италија го покори цел свет со пицата. Нејзиниот најважен бренд и идентитет, за кој знаат и во јуртите во Монголија и во фавелите во Рио де Жанеиро, или во пустинските куќички во Мавританија. Толку е важна за светот што УНЕСКО ја прогласи во 2017 за нематеријално културно наследство. На големо задоволство на цела Италија. Не разбравме дека тоа било потсмевање на италијанскиот идентитет, туку дека пицата ги надополнувала Петрарка, Микеланџело, Караваџо, Гарибалди, Грамши… И таа е дел од ингениозноста на Италијанците.