(Видео) Нема да има даноци за самци, Мицкоски: Само иницирав дебата, се извинувам

„Се извинувам ако некој погрешно ме сфатил, нема никакви даноци“, вака премиерот Христијан Мицкоски го дообјасни своето претходно јавно појавување кога кажа дека размислуваат за воведување на даноци за немажени и неженети. Тој рече дека целта му била да испровоцира јавна дебата.
„Целта ни беше само да испровоцираме јавна дебата. Јас се извинувам длабоко ако некој погрешно ме разбрал. Ајде сите заедно да работиме, да ни се раѓаат повеќе дечиња, да ни се полни училиштата, за побогата Македонија“, рече Мицкоски.
Тој не се согласува дека младите и создавањето на семејства треба да биде со финансиска помош.
„Тивко исчезнуваме, тоа тивко поминува. Јас не се помирувам со тоа. Се радувам на јавната дебата, ми викаат дека треба со финансиска поддршка да се излезе. Не е тоа решението. Една од најбогатите економии е Јужна Кореа, има потрешено 270 милијарди долари во последниве 15 години, за да стигне до стапка две мајки да раѓаат едно дете. Не е до финансиите, до срцето и главата е. До умот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во читанка треба да се смени поимот за семејство.
„Не треба да биде јас мама и тато, туку јас, мама, тато, бато и дада“, додаде Мицкоски.