САД воведуваат царини од 30 проценти на увозот од Босна и Херцеговина и 35 проценти на увозот од Србија

Претседателот на САД Доналд Трамп синоќа објави воведување царини од 30 проценти на увозот од Босна и Херцеговина и 35 проценти на увозот од Србија, според писмата до лидерите на земјите, објавени на социјалната мрежа Трут Соушл.

Овие царини за Босна и Херцеговина и Србија, заедно со нови царински стапки за неколку други земји, треба да стапат во сила на 1 август.

Новите стапки се пониски од претходно одложените реципрочни царини што Трамп ги објави во почетокот на април – 37 проценти за Србија и 35 проценти за Босна и Херцеговина, пренесува Радио Слободна Европа. Тој го одложи нивното стапување во сила за 90 дена.

Мерката беше објавена преку писма од Трамп до лидерите на засегнатите земји, вклучувајќи го претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседавачката на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.

Писмата генерално се во стандарден формат, поради што Цвијановиќ првично добила писмо со обраќање „господин Претседател“, кое подоцна било исправено.

Во писмата, Трамп ги повикува лидерите на овие земји да учествуваат во „извонредната економија на САД, која несомнено е прва во светот“. Трамп дополнително наведува дека американската администрација утврдила оти е неопходно да се „стави крај на долгорочните и упорни трговски дефицити предизвикани од царински, нецарински, политички и трговски бариери“ со кои се соочуваат земји како Босна и Херцеговина и Србија.

„Доколку од која било причина одлучите да ги зголемите вашите царини, без разлика на износот на зголемувањето, тој ќе биде додаден на овие 35 проценти што ви ги наметнавме“, се вели во писмото на Трамп до Вучиќ.

Вчера, американскиот претседател на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social) објави нови царински стапки за повеќе земји: 25 проценти за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан; 30 проценти за Јужна Африка; 32 проценти за Индонезија; 35 проценти за Бангладеш; 36 проценти за Камбоџа и Тајланд; и 40 проценти за Лаос и Мјанмар.

фото: принт скрин

 

Back to top button
Close