Како „Големиот прекрасен закон“ ќе влијае врз Американците?

„Големиот прекрасен закон“ („One Big Beautiful Bill Act“) на американскиот претседател Доналд Трамп по Сенатот на САД беше изгласан и во Претставничкиот дом и по потписот на Трамп, стапи на сила. Ова значи дека Трамп, кој подолго време вршеше притисок врз Републиканците да го усвојат законот, извојува законодавен пресврт и политичка победа.

Голем дел од неговиот втор мандат досега беше обележан со извршни наредби, кои се претседателски упатства со сила на закон, но не бараат одобрување од Конгресот. Сепак, усвојувањето на овој обемен закон за буџетски издвојувања и даноци во Конгресот ќе овозможи финансирање на голем дел од неговите претседателски ветувања.

„Мислам дека ова, од политички аспект, е победа за Доналд Трамп. Тој може да укажува на некаков законодавен успех за својата агенда“, вели Стивен Вебстер, политиколог од Универзитетот Индијана во Блумингтон.

„Некои луѓе не го сакаат законот поради кратењата во дел од американскиот здравствен систем и социјалната мрежа“, вели Питер Лоџ, политички аналитичар на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон.

„Некои луѓе не го сакаат законот бидејќи тој енормно го зголемува американскиот долг. Неверојатно е скап“, додава Лоџ.

Што содржи „Големиот прекрасен закон“?

Овој голем закон е обид да се исполнат многубројните предизборни ветувања на Трамп. Законот вклучува комбинација од намалување на даноци за поединци и компании, огромни средства за контрола на имиграцијата, зголемени воени трошоци и поттикнување на индустријата за фосилни горива.

Исто така, содржи промени во критериумите за здравствени и социјални програми и укинување на некои иницијативи за климатска транзиција што ги воведе поранешниот претседател Џо Бајден. Како што се очекуваше, тоа е победа за политиките кои се темелат на мантрата на Трамп – „Америка на прво место“ („America First“).

Вкупно 178 милијарди долари (околу 150 милијарди евра) ќе бидат насочени кон програми за ограничување на имиграцијата, вклучувајќи продолжување на изградбата на ѕидот на границата со Мексико, како и за вработување и ресурси на граничната полиција, имиграциско гонење, притвори и казнени истраги.

Околу 153 милијарди долари ќе бидат потрошени на одбрана: изградба на бродови, ракетна одбрана, нуклеарно оружје и поддршка за воена помош на границите.

По ветувањата за време на кампањата и победничкиот говор со повик за зголемување на експлоатацијата на фосилни горива – законот истовремено го поттикнува ископувањето и извозот на гас, додека ги укинува концесиите и субвенциите за електрични возила, чиста енергија и програми за намалување на емисии.

Исто така, содржи даночни намалувања во вредност од околу 4,5 билиони долари (3,8 билиони евра) за поединци и компании, вклучувајќи ги ветувањата на Трамп за укинување на оданочувањето на бакшиши и прекувремена работа.

„Ништо во овој закон не треба да биде изненадување“, вели Лоџ. „Се ветува дека ќе се потрошат многу пари за решавање на имиграциските проблеми во САД… огромна потрошувачка за зајакнување на имиграцискиот систем и пронаоѓање и депортација на лица без соодветна документација. Тоа е претежно популарно меѓу многу луѓе“, додава тој.

 

Голем закон, но не и убав за сите

Во двата дома, републиканските лидери беа принудени да ги балансираат барањата на оние што се противеа – оние што не беа задоволни со мерките во законот. Долгот беше главна грижа за фискалните конзервативци. Непартиски аналитичари предвидуваат дека законот ќе го зголеми американскиот национален долг за околу 3,4 билиони долари (2,3 билиони евра) во наредната деценија. Границата на долгот е зголемена за 5 билиони долари.

Загриженоста околу долгот одекна и надвор од Конгресот, особено од поранешниот сојузник на Трамп – Илон Маск. Пред да биде усвоен законот во Сенатот, најбогатиот човек на светот и најголем донатор на Трамповата кампања, се закани дека ќе поддржи противкандидати на Републиканците што го поддржуваат законот и дури најави формирање на сопствена „Американска партија“.

„Мислам дека партијата ќе има проблем да објасни како додавањето на три и пол билиони долари во националниот долг е во склад со нивната цел за фискална дисциплина“, рече Вебстер.

Законот не е популарен ни кај јавноста.

Според анкета на Универзитетот Квинипијак од средината на јуни, 53% од Американците го поддржуваат законот, 27% се против (останатите не се изјасниле). Само две третини од републиканските гласачи го поддржуваат. Аналитичарите со кои разговараше ДВ велат дека кога содржината на законот се објаснува на гласачите, вклучувајќи ги и Републиканците, поддршката опаѓа.

 

Промените во здравствените и социјалните програми најверојатно играат голема улога. Новите правила за подобност, особено за програмата Medicaid која обезбедува здравствено осигурување за лица со ниски приходи, и програмата SNAP за помош со храна, може да доведат до тоа милиони луѓе да го загубат своето здравствено осигурување до 2034 година, според независниот Канцеларијата за буџет на Конгресот. Вкупно повеќе од еден билион долари се скратени од здравствените програми.

 

„Околу 17 милиони луѓе би изгубиле здравствено осигурување“, рече Елизабет Рајт Бурак, виша соработничка во Центарот за деца и семејства на Универзитетот Џорџтаун, непартиски истражувачки центар.

 

„Дури и ако постојат некакви даночни или други олеснувања, ако го губите здравственото осигурување или помошта за храна, тоа е удар врз вашите лични примања“, додава Бурак.

Ова исто така би можело да ги погоди важните делови од Трамповата поддршка – вклучувајќи ги работниците Американци кои му ја даваа својата поддршка во последната деценија.

Иако многу од промените во здравствените програми се направени поради, како што вели Трамп, „масовна измама и злоупотреба“ во американската јавно-здравствена инфраструктура, многу експерти тврдат дека тоа е повеќе политичко демонстрирање отколку вистинско кратење.

„Во Medicaid нема многу непотребни трошоци“, рече Рајт Бурак. „Секако, постојат работи што можат да се подобрат, но најголемиот дел од тие пари веќе одат за здравствени услуги“, додава Бурак.

Back to top button
Close