Стари болки во нов извештај на ЕК за Македонија

Оценките се однесуваат на четири клучни области: судски систем, антикорупциска рамка, плурализам и слобода на медиуми и институционални прашања поврзани со контролата и рамнотежата

Да се почитува принципот на поделба на власта, да се спречат натамошни негативни последици од измените на Кривичниот законик, да се спроведе ефективна имплементација за антикорупциски реформи, за независно судство…Ова се само дел од наводите во Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година. Покрај извештаи за 27-те земји членки на ЕУ, со извештаи се опфатени и четири земји од процесот на проширување – Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, со оценки за четири клучни области: судски систем, антикорупциска рамка, плурализам и слобода на медиумите и други институционални прашања поврзани со контролата и рамнотежата.

„Северна Македонија продолжи да ги спроведува судските реформи, но мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозни загрижености во врска со независноста на судството“, се вели во извештајот.

 

Од ЕК посочуваат дека сегашните основи кои може да доведат до разрешување на главниот обвинител, вклучуваат широки дефиниции, како што е „несоодветно однесување што го нарушува угледот на јавното обвинителство“, што остава простор за правна несигурност и политизација на разрешување на главниот обвинител.

Комисијата наведува дека загриженост предизвикале и некои случаи во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта, а како еден од нив ги посoчува најавите од владино ниво за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Според ЕК, ограничените финансиски ресурси доделени на судството влијаат на неговата финансиска автономија, а недостигот на човечки ресурси, иако делумно ублажен со нови вработувања, останува загрижувачки.

Измените на КЗ – кочница против корупцијата

Имплементацијата на националната стратегија против корупцијата, според Комисијата, продолжува да биде недоволна во целина. Иако се нотирани неодамнешни напори во истражувањето и гонењето на корупцијата, сепак, одложувањата на судските постапки и ограничените ресурси и натаму продолжуваат да бидат пречка за поголеми резултати во случаите на корупција на високо ниво.

„Случаите на корупција на високо ниво честопати се соочуваат со одложувања или резултираат со минимални казни, што го зајакнува скептицизмот на јавноста за ефикасноста на судството. Истрагите за случаи од висок профил ретко водат до конечни пресуди“, се вели во Извештајот.

Прстот е вперен и во контроверзните измени на Кривичниот законик кои го зацементираа впечатокот за владеење на неказнивност.

„Измените на Кривичниот законик од 2023 година продолжуваат значително да ги поткопуваат напорите за борба против корупцијата, особено влијаејќи на гонењето на случаи на корупција на високо ниво (…) Нема прецизни официјални податоци за тоа колку случаи на корупција се засегнати од овие измени. Пониските казни за сторителите на корупција и правната несигурност што ја предизвикаа измените, дополнително придонесоа за чувство на неказнивост“, се забележува во извештајот.

Во овој контекст од ЕК потсетуваат дека Уставниот суд донел одлука да се поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик во целина, и дека му дал рок од шест месеци на Собранието за да ги коригира спорните законски одредби. Се посочува и дека Министерството за правда формирало работна група за подготовка на измени на постојниот Кривичен законик за справување со негативните влијанија од претходните измени, но и дека подготвува сеопфатен нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка.

Меѓу другото, се посочува дека Државната комисија за спречување на корупција продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривањето и пријавувањето на наводни случаи на корупција, како и дека остануваат загриженостите во врска со ефикасната проверка на анкетните листови за имотот. Заштитата на укажувачите е оценета како слаба, што ги обесхрабрува поединците да пријавуваат корупција. Ризиците од корупција се сметаат за високи, особено во областите на здравството и јавните набавки.

Нешто се подобрува, нешто пак по старо

Според извештајот, финансиската независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е подобрена, но именувањата на нови членови во нејзиниот Совет сè уште се во тек. Саморегулаторниот Совет за етика во медиумите ги продолжува своите активности и покрај загриженоста за обезбедување долгорочно одржливо финансирање. Јавниот радиодифузен сервис се соочува со предизвици и покрај подобрувањата во финансирањето.

„Остануваат предизвиците во врска со транспарентноста на медиумската сопственост. Повторното воведување на рекламирање финансирано од државата предизвика критики од медиумските експерти и организациите на граѓанското општество. Иако законската рамка за пристап до јавни информации е воспоставена, нејзиното недоследно спроведување може да претставува предизвик за ефикасното остварување на ова право“, се вели во извештајот.

Иако се констатира одреден напредок во зајакнувањето на правната заштита за новинарите, оценка е дека нивната работна средина не е подобрена.

„Недостатоците во условите за работа на новинарите продолжуваат, особено, краткорочните или договорите со скратено работно време без здравствено и социјално осигурување, неплатените прекувремени часови и ниските плати, што придонесуваат за самоцензура и влијание врз уредничката содржина од страна на сопствениците на медиумите“, се наведува во забелешките, при што се потенцирани и пречките за ефикасна заштита на новинарите од SLAPP – тужби. (dw)

Back to top button
Close