Сигурни работни места, добри плати и доверба во системот меѓу клучните фактори за да се подобри демографската слика во земјава

Проблемот со демографијата е сложен процес којшто бара вклучување на сите чинители на општеството, но важни фактори за подобрување се сигурните работни места, платите и довербата во системот. Важен сегмент е и зацрвстувањето на дијалогот за родово одговорни семејни политики. За да се постигне сето тоа, потребни се конкретни мерки што ќе се реализираат на терен, заклучија учесниците на денешната дебата во Скопје што ја организираше Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации.

Од Владата се надеваат дека мерките што ги преземаат ќе дадат резултати во иднина. Заменик-министерот за труд, демографија и млади Ѓоко Велковски верува дека само со конкретни мерки на терен може да се подобри ситуацијата – како што се повеќе можности за вработување, намалување на листите за чекање за упис во детските градинки, враќање на вербата во системот….

– Младите се клучниот фактор во целиот тој процес. Кога зборувам за младите, мислам на оние што се репродуктивни, што можат да создадат можност за семејство и да градат иднина, а сето тоа може да го направиме доколку имаме стабилни работни места, добри плати, сигурност во системот од судство и обвинителство до тоа децата да има каде да одат во градинка и да нема листи на чекање за упис и дилема кај родителите каде ќе го остават детето додека се на работа. Повеќе сегменти треба да опфатиме. Започнавме со конкретни мерки. Со Оперативниот план за вработување со кој 60 проценти се опфатени младите до 29 години со што покажуваме дека насоката ни е токму кон оние кои ни се најпотребни за демографската слика да биде што е можно постабилна. Исто така работиме и на намалување на листите за чекање во детските градинки за кои целта ни е до крајот на годината да ги преполовиме, изјави Велковски пред почетокот на денешната дебата.

Според него, има интерес за мерките од Оперативниот план коишто се однесуваат на младите, дури, како што рече, има и исти на чекање.

Удел во решавање на проблемот, според шефицата на Канцеларијата на Фондот на население на Обединетите нации во земјава Афродита Шаља, нема само Владата, туку и приватниот и невладиниот сектор…. Анализите, како што посочи, покажуваат дека многу повисок е степенот на посакуван фетилитет отколку на реалниот фестилитет што укажува дека има причини зошто жените не се реализираат како мајки.

– На пример висок е процентот на неактивност на жените на пазарот на труд, а и многу често жените се ставаат во ситуација да треба да бираат меѓу раѓање и својот професионален потенцијал. Бројките покажуваат дека многу е повисок степенот на посакуван фертилитет отколку што е реалниот фертилитет што значи дека има причини зошто тоа не се случува. Една причина е економската состојба, можностите да создаваат семејство, но исто така и глобалните промени како што се војните на кои не може да влијаеме, но може да влијаеме жените да имаат право на избор – колку деца сакаат, кога сакаат деца …. посочува Шаља.

Денешниот настан се одржа во рамки на регионалната програма „Проширување на изборот: Родово одговорни семејни политики за приватниот сектор во Западен Балкан – Фаза 2”, финансирана од Австриската агенција за развој, а се спроведува во соработка со Здружението Конект.

Back to top button
Close