Историски момент: Борците на ПКК го полагаат оружјето

ПКК долго време ја чуваше во тајност локацијата и точното време на церемонијата. Првите нејзини борци планираат да го положат оружјето во близина на северниот ирачки град Сулејманије. Се зборува за 30 до 40 борци, но овој број не е официјален. Според проценките, во северен Ирак има повеќе од 2.000 вооружени борци на ПКК.

Но, со ова оружје, тие веќе не можат да претставуваат закана за турската држава, вели Томас Шмидингер: „Со оглед на развојот на воената технологија во последните години, особено со беспилотните летала, оружјето на ПКК веќе тешко дека претставуваше вистинска заштита“. Ова, заедно со политичките случувања, е една од причините за напуштање на вооружената борба.

Шмидингер предава политички науки на Универзитетот Курдистан Хевлер во Ербил и со години ги следи курдските аспирации за автономија во целиот регион.

 

Повеќе од 40.000 мртви

Курдската работничка партија (ПКК) води герилска војна против турската држава од 1984 година, надевајќи се дека ќе им помогне на Курдите во Турција да добијат поголема автономија и права.

Се проценува дека во борбите во изминатите децении се убиени повеќе од 40.000 луѓе. ПКК е наведена како терористичка организација во Турција, како и во ЕУ и САД.

 

Дијалог наместо борба

Во мај, ПКК објави дека ќе се откаже од својата вооружена борба против турската држава и наместо тоа ќе се фокусира на политички дијалог. Во видео порака емитувана завчера (9.07), затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, го повтори тоа: „Ова е доброволен премин од вооружена борба во фаза на демократска политика. Ова не е пораз, туку мора да се гледа како историски успех“.

 

Турција ја продолжува борбата

На церемонијата во северен Ирак денеска планираат да присуствуваат и политичарите од прокурдската турска партија ДЕМ. Нивната портпаролка Ајшегул Доган изјави: „Во Сулејманије ќе бидеме сведоци на првиот чекор во овој историски процес“. Курдите зборуваат за историски момент, но досега нема официјални одговори од турската држава на мировната понуда на ПКК.

„Тоа е бизарна ситуација. ПКК одлучи да се распушти и да ја прекине својата вооружена борба, но оваа војна продолжи и ја водеше Турција. На денот кога 12-тиот Конгрес на партијата ПКК ја донесе својата резолуција, Турција ги бомбардираше борците на ПКК и тоа всушност продолжува до ден-денес“, вели Шмидингер.

Повлекување во планините Кандил

Бомбите на кои се осврнува Шмидингер не беа фрлени од страна на турските воздухопловни сили во југоисточна Турција, туку во северен Ирак. ПКК сè повеќе се повлекува во оваа област, особено кон недостапните планини Кандил.

„Битките на ПКК со турската војска во последните години се одвиваа речиси исклучиво тука, во Ирак, во планинските региони на ирачки Курдистан. Вооружените сили на ПКК всушност се повлекоа од Турција за време на последниот мировен процес“, вели Шмидингер.

 

Што ќе прави ПКК откако ќе го предаде оружјето?

Доколку борците на ПКК сега го положат или уништат оружјето, се поставува прашањето што ќе прават потоа. Дали Турција ќе даде некаков вид општа амнестија и дали ќе се вратат во Турција со своите семејства? Досега за такво нешто не станува збор.

Алтернативите би биле тие да се приклучат на вооружени курдски групи во Сирија или да останат во северен Ирак, кој е под курдска управа. Но, односите меѓу ПКК и курдската автономна влада во Ербил се исто така полни со конфликти.

 

Автор на текстот: Мориц Берент, АРД

 

Back to top button
Close