По пожарите – зачестија пријавите за потпалувачите

Седуммина се приведени за предизвикување општа опасност за неколку дена од избувнувањето на големите пожари во околината на Скопје, но и во останатите делови на Македонија. Во четвртокот (10.07) во вечерните часови е приведен 74-годишен жител на Мала Речица, кој на својата нива во Тетово, вршејќи земјоделски работи, на неколку места на нивата запалил сува трева и отпадоци. Огнот на нивата бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Тетово, а против тетовецот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност.

Претходно беа уапсени две лица коишто полициска патрола ги фатила како палат кабли во близина на сува трева и дива депонија меѓу скопските села Кадино и Миладиновци, со што е предизвикан мал пожар. Со брза реакција пожарот е изгаснат.

Во полиција завршија и тројца малолетници, странски државјани, во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден во рамки на засилените полициски активности во врска со пожарите во Скопскиот Регион. Кај малолетниците бил пронајден ранец со две шишиња од по еден и пол литар бензин, две петарди, запалка и течен лепак. на почетокот на неделата беше приведен и 57-годишник од Скопје, за кој полицијата извести дека запалил сува трева во населбата Ѓорче Петров. По пријава на граѓанин тој е приведен.

Иако во Кривичниот законик според член 227 има кривично дело „предизвикување шумски пожар“, потпалувачите најчесто се гонат за предизвикување општа опасност, според членот 288.

Меѓу двете кривични дела има разлика во затворските казни. За предизвикувањето општа опасност, казната е од шест месеци до пет години, а ако е од небрежност, може да се изрече и парична казна. За делото „предизвикување шумски пожар“, членот гласи: „Тој што ќе предизвика шумски пожар па поради тоа ќе настапи штета од големи размери, ќе се казни со затвор најмалку осум години. Со иста казна ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена. Тој пак што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари, ќе се казни со затвор најмалку десет години. Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од три до пет години“.

Координирана и добро осмислена акција“

Од МВР порачаа дека се преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнување на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по вчерашната седница на Кризниот штаб за состојбата со пожарите изрази сомнеж дека пожарите се подметнати од човечки фактор.

 

Истата сомнеж ја изрази и премиерот Христијан Мицкоски. „Не само што се сомневаме, туку имаме и докази. Имаме и приведени лица коишто тоа го правеа, посебно на територијата на Скопје, на Градот Скопје. Затоа што пожарот, да речеме, последниот којшто се случи во близина на Смилковското езеро, беше навечер, после девет часот и тоа што го најдовме таму, но и три лица коишто потоа беа обезбедени, укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“, рече Мицкоски.

 

Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информираше дека пред неколку дена се пронајдени дрвени палети полиени со бензин, фрлени во грмушки смреки и благодарение на тоа што пред време биле забележани се отстранети за да не ги разгорат пожарите.

 

„Во пожарот што изби спроти Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а на друго место и неколку шишиња со бензин“, рече Ангелов и апелираше до граѓаните, доколку забележат сомнително однесување на лица, веднаш да пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица.

 

 

Активни се седум пожари

Најновите информации од Центарот за управување со кризи се дека има вкупно 38 пожари на отворен простор низ државата, од кои седум се активни, четири се под контрола и изгаснати се 27 пожари.

 

Активни се пожарите во Општина Чучер Сандево – помеѓу селата. Блаце и Горњани, место викано Рамна шума (шумски пожар); Општина Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки Рид (приземен во мешана шума); Општина Македонски Брод – помеѓу селата Црешнево и Локвица (деградирана дабова шума и грмушки); Општина Македонски Брод – село Крапа (нискостеблеста шума); Општина Дојран: село Николиќ (нискостеблеста шума); Општина Чашка – под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (само чад, карпест терен) и во Општина Тетово: кај бензинска пумпа „Окта Петрол“ (нива).

 

Од четирите пожари што се ставени под контрола, три се на територијата на Општина Македонски Брод: село Рамне – село Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков); село Слатина (мешана шума); и Слатина (нискостеблеста мешана шума), како и во Општина Делчево – Градска депонија Острец (депонија).

Back to top button
Close