Сребреница:„ Never again“
(30 години од еден геноцид)
Денко Малески
Кога на почетокот од деведесеттите, неодговорни југословенски политичари со своите зборови и дејствија ги распалија огновите на етничките војни, малку кој веруваше дека на крајот од крвавиот пир, некој ќе биде повикан на одговорност. На Балканот, велат историските книги, никој никогаш не одговарал за предизвикување војна. Додуша, не е многу поразлично и во другите делови на светот.
Во дeветнаесеттиот век, англискиот политички мислител Џереми Бентам пишува дека ниту еден принц не бил повикан на одговорност затоа што предизвикал војна, но ги има многу кои одговарале за склучен мир. Старата дилема на светската политика дека обичниот граѓанин одговара пред суд за убиство на еден човек, а политичарот не одговара за смрт на милиони, сè уште не беше разрешена на почетокот од деведесеттите кога се распѓаше југословенската федерација.
Ако тоа воопшто се случеше, злосторниците се повикуваа на одговорност пред таканаречените ад хок трубунали. Така, одговорноста за стравотиите од Втората светска војна се бараше во два такви суда, Нирнбершкиот и оној од Токо.
Во тромавата светска организација, ОН, тоа големо достигнување на човечкиот разум во вечна потрага по мир, со децении се влечкаа дискусии за создавање светски суд кој ќе ги повикува на одговорност воените пиромани на чело на држави. Но, без некој поголем резултат. Работите добија забрзување по етничките војни во Југославија и Руанда, што конечно доведе до формирање на меѓународен трибунал за воени злосторства. Меѓународниот кривичен суд денес истражува, обвинува и суди поединци за геноцид,воени злосторства, злострорства против човештвото и агресија.
Ад-хок трибуналот за Југославија продолжи со работа. На 8.06.2021, тој изрече пресуда врз Ратко Младиќ, српскиот командант во Босна познат по геноцидот во Сребреница, кога околу 8,000 муслимански мажи и момчиња,се систематски убивани во четри пеколни деноноќија.
Многу порано, како што е познато, Слободан Милошевиќ, политичарот кој ја турна Југославија во братоубиствена војна, неславно го заврши животот во ќелија во затворот Шевенинген во Холандија. Казни добија и многу други политичари и генерали од поранешните југословенски републики. Еден од нив, се сеќаваме, после изречената пресуда, се самоуби пред камера испивајќи отров. А на почетокот од деведесеттите тие, поттикнувачите на меѓунационални омрази и војни беа толку силни што малку кој веруваше дека некогаш ќе им фали макар и едно влакно од главата.
Големите сили мислат дека ќе го заплашат Милошевиќ со некаков трибунал, ми вели остроумниот Лорд Карингтон на една од сесиите на Конференцијата за Југославија, со која претседаваше. Но, тоа нема да се случи, додаде резигнирано. А, сепак, на големо изненадување дури и на иницијаторите од Западот, се случи токму тоа.
И ние Македонците имавме свои осуденици во Хаг, но наместо да ја научиме лекцијата за тоа дека и во војна има закони кои мора да се почитуваат, го игнориравме судењето на „нашите“,а осудените беа дочекани како херои по издржаните казни затвор.
Така се затвори едно поглавје од борбата на човештвото за мир и правда. Правдата,сепак, победи. Тоа е важно за светот, за Балканот и за Македонија.„Касапот од Босна“ го поминува остатокот од животот во затвор.При изрекувањето на пресудата немаше врескање кон сведоците и роднините на жртвите: „Ово су све лажи“ и „Јебачу вам матер“ (зборови доследно преземени од лондонски „Гардијан“). На прашњето дали може да го следи судењето, генералот Младиќ само помирливо рече „Да, можам“ и му се придружи во издржувањето казна доживотен затвор на неговиот претседател Радован Караџиќ.
(Репринт :„Правда за жртвите од Сребреница: Ратко Младиќ, „Касапот од Босна “, доби доживотен затвор“, 8.06.2021)