Статуси за поддршка на претседателот – веднаш“, им пишала Ласовска на жените во ВМРО-ДПМНЕ, по барањето за оставка на Мицкоски

Статусите со поддршка на Христијан Мицкоски се појавија на многу партиски профили на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи и членки на партијата, по денешното барање за негова оставка. Претседателката на партиската Унија на жени, Благица Ласовска за порталот „А1 ОН“, тврди дека не била нејзина пораката со повик да се поддржи партискиот лидер
„Искочете со јавни статуси за поддршка на претседателот. На ваши профили и од страните на Унија на жени. Веднаш“. Ваква порака испратила претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, во телеграм комуникацијата испратена до сите претседателки на Општински комитети, откако денеска членови на ВМРО-ДПМНЕ на собир пред партиското седиште јавно побараа вонреден партиски конгрес и оставка од лидерот Христијан Мицкоски и актуелното раководство.

На оваа порака, се надоврзува Лилјана Затуровска, генерална секретарка на Унијата на жени на партијата, која напишала: „Давам и овде и јавно тоа го направив безрезервна поддршка за нашиот легитимно избран претседател и раководството на партијата“.

Претседателката на партиската Унија на жени, Благица Ласовска за порталот „А1 ОН“, тврди дека не била нејзина пораката и дека не е спорно што Мицкоски добива поддршка.

Но, синхронизираните статуси на фејсбук доаѓаат откако денеска одговорност и оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговиот тим, побара поранешната пратеничка, Весна Дамческа-Илиевска, која беше придружувана од актуелни членови, поранешни и сегашни функционери на партијата кои сметаат дека Мицкоски мора да сноси одговорност бидејќи паријата изгубила локални, претседателски, а сега и парламентарни избори.

Back to top button
Close