БРАВО, ПЕТКА

Во тек е уништувањето на Охридското крајбрежје, ама не можеме да стигнеме, дајте ни уште малку време да го доуништиме.

1.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на Европската Унија ќе ѝ покажеме дека „со реформите дома ќе покажеме дека сме најдобар ученик во одделението и да бидеме посакувани од страна на ЕУ“.

Колку сме добар ученик се покажа уште дента кога премиерот ја даде оваа изјава. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ даде на македонската Влада уште неколку месеци да преземе активности за Охридското крајбрежје да не биде ставено на списокот на загрозено светско наследство. Добриот ученик веќе два пати паѓа на испитот на УНЕСКО, па сега му е дадена и трета шанса за полагање.

Не верувам дека некој кому два пати му била дадена можност од по две години да полага и не научил, сега ќе научи за само неколку месеци – до февруари. Импресивно е како сами си се саботираме. Додека 40 организации од регионот и од Европа бараат од УНЕСКО веќе да не ни дава шанси, туку да го стави Охрид на листата на загрозено светско наследство, Владата се пофали дека успеала да добие уште една шанса. Во тек е уништувањето на Охридското крајбрежје, ама не можеме да стигнеме, дајте ни уште малку време да го доуништиме.

Министерството за транспорт распиша тендер за уривање на дивоградби што се во заштитени подрачја, стари градски јадра, национални паркови, археолошки наоѓалишта, оти досега општините не сакаа да ги уриваат. Баш би сакал да го видам тоа и во Охрид, ама не верувам дека ќе се случи. Еве кај е февруари, рокот што ни го даде УНЕСКО сами да си го спасиме Охрид. До тогаш и тендерот којзнае дали ќе заврши сосе сите жалби и процедури. Плус и локалните избори се погодија…

Така што, ако Мицкоски сака да биде најдобриот ученик, ќе треба одма да ги пушти булдожерите. И не само во Охрид. И не само кај „вашите“ дивоградби, туку и кај „нашите“. И тоа, да им се сврти на сериозните објекти, а не да ни мачка очи со шупи и тераси.

Државава два пати паѓа на прилично главен испит за заштита на природно и културно наследство што светот ни го признал уште минатиот век. Ќе биде глупаво трет пат да падне, па да одиме на комисиско полагање.

Бидејќи Мицкоски многу сака да се фали дека тој ни го спасува идентитетот, ете му шанса, покрај вонредните партиски обраќања, да се покаже и со акција. Белким и Охрид е дел од македонскиот идентитет.

2.

Нам во Скопје веќе ни го изгореа идентитетот. Летово секој ден ни горат дивите депонии. Ама жилаво се држиме и си ги обновуваме, па и нови си правиме.

Ние што живееме во главниот град имаме помали амбиции отколку да уриваме дивоградби, макар и кога тие се пред полициска станица и кога градоначалничката Данела Арсовска е нападната при увид во Чаир. Засега, сакаме само да ни се вратат основните градски функции. Градските служби, што скапо ги плаќаме, да ни го собираат ѓубрето од контејнерите, да ни ги метат улиците и да имаме јавен превоз. И да пуштат вода за пиење и миење, оти летово и вода почна да снемува. Дотолку што и резиденцијата на претседателката на Водно остана без вода.

На зима се гушиме во смог, а на лето во чад од запалени диви депонии. Ама џабе е сега да збориме на таа тема кога загадувањето ќе ни дојде веднаш штом ќе завршат изборите.

Божем тоа е битно. Скопјани не гласаат за нормален живот. Гласаат да бидат горди.

3.

Не е баш дека сме го изгубиле идентитетот затоа што македонски јазик не се споменува во извештај на Европскиот парламент, во кој вообичаено не се споменуваат јазиците и идентитетот на земјата за која се однесуваат извештаите. Известувачот Томас Вајц сакал да ни го спомене, веројатно од почит, или од емпатија поради тоа што со децении само нашиот европски пат е блокиран токму затоа што Бугарија како земја-членка на ЕУ го негира македонскиот идентитет.

На вонредна прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека сега „вистината излезе на виделина“ оти не се проблем Бугарите во Уставот, туку тоа што „Бугарија сака да ја уништи македонската нација и идентитет“.

Ако целта било „светот да види со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век“, како што рече Мицкоски, тогаш – браво за премиерот, дај да му пишеме петка на најдобриот ученик.

Ама, сега што правиме со петката? Еве, ЕУ виде дека Бугарија ни е непријател. Како ние тоа ќе го искористиме за наше добро? Ние не можеме да ја караме ЕУ. Тие си се фамилија. Сигурно нема да се караат со свој член на семејството поради некој што е надвор. Туку, дај некако да ѝ помогнеме на ЕУ да биде на наша страна. Има ли премиерот план за тоа?

Не поминаа ни 24 часа откако Мицкоски драматично повика на обединување по ова прашање со опозицијата, па продолжи да го обвинува СДСМ дека се предавници, измеќари, те продале знаме, те продале име… Зборува за обединување на начин за да не се обединат. Па после Филипче му враќа: Ветуваа гордост, добивме понижување.

Ниту сме повеќе горди, ниту повеќе понижени.

Ама, ако навистина сакаш заедништво, тогаш тргаш настрана сѐ и одиш напред.

Ако гласањето во Европскиот парламент ѝ покажа на Европа која е Бугарија и што се нејзините вистински намери, кај нас дома покажа на кое дереџе ни се партиите и политичките елити кои не можат да се договорат што е најважен државен интерес.

4.

Во сенка на повиците за обединување, патриотизмот и заштитата на идентитетот помина веста дека пратениците на СДСМ во Собранието предложија 12 закони што ги ветуваше ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања минатата година. Ама, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаа.

Не ќе да се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ толку издувани, па за само една година да заборавиле со кои ветувања победија на изборите. Не е нивна работа да мислат, па си гласале „против“ по инерција. Командата е:  гласајте „против“ сѐ што ќе предложи СДСМ, па макар тоа било и наша идеја.

5.

Како што се разгоруваат пожарите, така секое лето станува тема зошто противпожарните авиони не се сервисирани навреме и колку е стар возниот парк на противпожарните бригади.

Како на политичарите им текнува да ги менуваат на секои 3 години луксузните возила за шефот на државата, премиерот, министрите, директорите на јавните претпријатија? Како на градоначалниците им текнува да купуваат скапи коли оти постојните им биле дотраени, скапи за одржување и не биле безбедни? Е како бре на истите тие луѓе не не им текнува, еве не на секои 3, ама барем на 5 години да купат нови противпожарни камиони и возила за брза помош?

Не треба да им текнува на македонските политичари. Зошто тие би мислеле на противпожарни возила, Брза помош и други катастрофични ситуации, кога им текнува на странските донатори, амбасадорите на служба во Скопје и на приватни компании и поединци.

Горан Михајловски

Целата колумна: sdk.mk

Back to top button
Close