Стокхолмски и други синдроми

Имаше една интересна игра на настаните во деновите кога македонскиот премиер зборуваше дека кај опозицијата, која на партиска трибина изрази став дека Македонија била понижена, а не горда во последнава година. Христијан Мицкоски на 22 јуни рече: „Да, слушнав за денешниот настан којшто опозициската СДСМ го организира, на којшто ќе ја брендираат својата партија, а со тоа и самиот настан како ‘Понижена Македонија’. Јас мислам дека конечно Фројд во полно светло проработи во опозициската СДСМ. Таму претпоставувам има неколкумина коишто имаат силно чувство развиено на Стокхолмски синдром кога жртвата се вљубува во ловецот, па така и тие од СДСМ, политичката партија којашто ја понижи, ја клекна ја опустоши и ја разграби Македонија, денеска зборува за понижена Македонија“.
Премиерот многу добро се разбира во машинството, но за психоаналазата на Сигмунд Фројд и за Стокхолмскиот синдром, треба да прочита уште малку повеќе. Случајот посака пет дена подоцна да почине човекот по чие дејствие оваа состојба се нарече Стокхолмски синдром. Тоа е Кларк Олофсон, еден од најозлогласените криминалци во Шведска. Тој почина на 78 години. Во 1973 година, Олофсон стана меѓународно познат по својата улога во драматичната заложничка ситуација во Шведската кредитна банка во Стокхолм.
Иако не бил оригиналниот сторител, Олофсон бил донесен од затвор на местото на настанот кај ограбувачот. Кога Олофсон бил донесен, двајцата ги здружиле силите и држеле неколку вработени и клиенти како заложници во трезорот на банката шест дена. За време на таа драма Олофсон развил врска со заложниците, кои подоцна го опишале со изненадувачки позитивни зборови, а некои дури и го фалеле неговиот шарм. Една заложничка, за време на телефонски разговор со шведскиот премиер Олоф Палме, изјави дека целосно им верува на своите киднапери, но се плаши дека ќе умре во полициски напад врз зградата. Нивната емоционална поврзаност довела до сега познатиот термин Стокхолмски синдром, психолошки феномен во кој заложниците развиваат симпатии или лојалност кон своите киднапери.
Тука нема ловец и жртва, како што објаснува Мицкоски, туку заложниците се средство за да се оствари одредена цел. Олофсон и неговиот партнер сакаа да ја ограбат банката, а не беа ловци по луѓе.
Најозлогласениот пример за Стокхолмски синдром може да биде оној во кој е вклучена Патриша Херст, внука на американскиот медиумски магнат Вилијам Рандолф Херст. Во 1974 година околу 10 недели таа беше земена како заложник од страна на Симбионската ослободителна армија. Херст потоа им помогна на нејзините киднапери да ограбат банка во Калифорнија. Таа беше уапсена 19 месеци подоцна и осудена за криминалите што ги направи со нејзините киднапери на 35 години затвор, кои потоа беа намалени на седум години. Подоцна беше ослободена од претседателот Џими Картер и помилувана од Бил Клинтон.
Уредникот на Енциклопедија Британика вака го опишува Стоххолмскиот синдром:
„Психолозите кои го проучувале синдромот веруваат дека врската првично се создава кога киднаперот му се заканува на животот на заробеникот, размислува, а потоа избира да не го убие. Олеснувањето на заробеникот по отстранувањето на заканата со смрт се транспонира во чувства на благодарност кон киднаперот што му го поштедил животот. Како што докажува инцидентот со грабежот на банка во Стокхолм, потребни се само неколку дена за оваа врска да се зацементира, докажувајќи дека, на почетокот, желбата на жртвата да преживее ја надминува желбата да ја мрази личноста што ја создала ситуацијата.
Инстинктот за преживување е во срцето на Стокхолмскиот синдром. Жртвите живеат во присилна зависност и ретките или мали акти на љубезност во услови на ужасни услови ги толкуваат како добар третман. Тие често стануваат хипербудни кон потребите и барањата на своите киднапери, создавајќи психолошки врски помеѓу среќата на киднаперите и нивната сопствена. Всушност, синдромот е обележан не само со позитивна врска помеѓу заробеникот и киднаперот, туку и со негативен став од страна на заробеникот кон властите кои ја загрозуваат врската меѓу киднаперот и заробеникот“.
Синдромот се сфаќа како потсвесен начин за справување со тешка ситуација.
Нема потреба да не ѝ веруваме на Ециклопедија Британика во објаснувањето на Стокхолмскиот синдром. Тогаш, кај кого се развил Стокхолмскиот синдром во случајот на СДСМ и Македонија. Ако Македонија е заплашена и киднапирана и е земена како заложник, тогаш таа ќе требаше да гласа за СДСМ на изборите лани во мај. Сега може да се постави прашањето дали кај македонското граѓанство, всушност, не се развива Стокхолмскиот синдром кон новите власти на ВМРО-ДПМНЕ, кои го развиваат евроскептицизмот, кои вербално се постојано за ЕУ, а во пракса постојано работат против европската иднина.
Стокхолмскиот синдром стана познат една година пред настанот во Стокхолм, но тогаш уште не се викаше така. Во 1972. Погледнете го извонредниот филм „Кучешко попладне“ на Сидни Ламет со Ал Пачино во главната улога од 1975. Тоа е приказна за реална криминалистичка драма, а филмот е базиран на статијата во списанието „Лајф“, „Момчињата во банката“. Филмот ги прикажува грабежот и заложничката ситуација во 1972 година во филијалата на Чејс Менхетен банката во Бруклин. Ќе видите дека не само тие внатре, туку и насобраните луѓе на улицата надвор навиваат за ограбувачите кои станаа киднапери.
Други синдроми
Има и други синдроми. Некои немаат познато име, но се препознаваат. Истиот ден кога Мицкоски зборуваше за Фројд и Стокхолмскиот синдром кај СДСМ, тој го кажа и ова околу Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија.
„Онаму каде што можеме се бориме да ја кажеме нашата вистина за Македонија, односно вистинската вистина, без разлика дали е Берлин, Брисел, Лондон, Вашингтон…“. Тој рече дека кога наредните денови ќе заседава Комитетот за надворешна политика на ЕП очекува силна порака за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, но имало и ризици.
„Деновиве добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, којшто некој повторно сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик. Сепак, огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние коишто изминатите седум години ја ограбија и понижија државата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека контактирал „со сите од Брисел“ и мисли дека успеал некако да го амортизира оној удар, „којшто повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обиде да креира некоја нова нација, а со тоа да го наруши и кредибилитетот на самата ЕУ“.
„За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи“.
Подоцна се испостави дека огромното мнозинство европратеници постапило спротивно, не застанале зад нашите аргументи, па 461 пратеник го поддржаа амандманот со кој се брише одредницата за македонски јазик и идентитет, наспроти 121 гласови против. Дали Бугарија била толку политички силна или трите главни политички групи, ЕПП, социјалистите и либералите, решиле да ги исфрлат адутите кои Мицкоски мислеше дека ги има во рака за да прави политички капитал дома, не е ни толку важно. Семафорот покажуваше политички дебакл, па премиерот по само неколку часа на специјална прес-конференција патетично објаснуваше како не успеал да го амортизира ударот и дека „непријателот“ победил во оваа непотребна битка.
Па како да го гледал „Битката на Неретва“ и онаа сцена со Столе Аранѓеловиќ кога партизанската група ја пееше „Падај сило и неправдо“ тој зборуваше дека македонската историја е втемелена на неправди. „Затоа велам: Неправди. Нека го слушне ова секој. И нека размисли. Сите наши сограѓани живеат со тие неправди, и се со нас рамо до рамо, со години, со децении, со векови. Овде на овие простори…
Пред неколку месеци за првпат произлезе идејата која требаше да ја извади Бугарија на чистина и нејзините затскриени намери да ги истопори за да бидат на очиглед на сите. Ние почнавме низа на активности и дипломатски акции да наметнеме една тема, која ќе придонесе на долг рок во изнаоѓање решение за нашиот проблем.
Немавме амбиции ниту лажна надеж дека ќе успеевме бидејќи ги знаеме односите во Унијата, ги знаеме трговските практики и начини на одлучување, знаеме дека во Унијата има не ретко конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на политиката, трговијата со судбини и не сме воопшто наивни. Денес, комотно и на очиглед на сите на Европа можеме да им кажеме дека вистината излезе на виделина, на површина“.
Што е со Стендал?
Па, навраќајќи се на својата омилена тема на битката на една генерација, Мицкоски рече: Ова е нашиот Крушевски манифест со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални, основни човекови права и вредности“.
Мицкоски сака да се се служи со големи споредби, параболи, тези, антитези од минатото, да дава гаргантуански асоцијации, кои изгледаат несоодветни за модерната политика. Но, кој знае, можеби тоа е последица на еден друг познат синдром – Стендаловиот.
Стендал е еден од најголемите француски писатели и според него е именувана една психосоматска состојба. Таа состојба е наречена Стендалов синдром и вклучува забрзано чукање на срцето, конфузија, халуцинации, па дури и несвестица. За неа се тврди дека се јавува кога поединците се изложени на предмети, уметнички дела или феномени со голема убавина.
Во Белата палата има толку „уметнички дела и феномени“ поврзани со историјата на ВМРО што некој би рекол дека Мицкоски, на пример, бил опфатен со забрзано чукање на срцето кога ја гледал сликата на Никола Карев и помислувал на нов Крушевски манифест. Па му се завртело во главата, а можеби и доживеал халуцинации од неверојатната убавина од сликите за историјата на организацијата.
Стендал го опишал своето искуство со феноменот за време на неговата посета на Фиренца, Италија, во 1817 година, во својата книга „Неапол и Фиренца: Патување од Милано до Реџо“. Кога ја посетил базиликата Санта Кроче, каде што се погребани Николо Макијавели, Микеланџело и Галилео Галилеј, бил совладан од длабоки емоции. Стендал напишал:
„Бев во еден вид екстаза, од идејата да бидам во Фиренца, близу до големите луѓе чии гробови ги видов. Апсорбиран во размислувањето за возвишената убавина… Стигнав до точката каде што се среќаваат небесни сензации… Сè толку живописно ми зборуваше на душата. Ах, само да можев да заборавам. Имав палпитации на срцето, она што во Берлин го нарекуваат ‘нерви‘. Животот ми се исцрпуваше. Одев со страв дека ќе паднам“.
Иако психолозите долго време дебатираа дали постои Стендалов синдром, очигледните ефекти врз некои поединци се доволно сериозни за да бараат медицинска помош. Персоналот во болницата „Санта Марија Нуова“ во Фиренца е навикнат на туристи кои страдаат од вртоглавица или дезориентација откако ќе ја видат статуата на Давид, уметничките дела од галеријата Уфици и другите историски богатства на тосканскиот град. Нема докази што би го дефинирале Стендаловиот синдром како специфично психијатриско нарушување.
Стендаловиот синдром може да биде поврзан со синдромот на Ерусалим, кој објаснува како посетителите на светот град се распаѓаат во психотични религиозни или месијански заблуди. Постои синдромот на Париз, кој предизвикува туристите да доживеат акутни психијатриски симптоми откако ќе откријат дека француската престолнина не ги исполнува нивните нереално високи очекувања.
Не знаеме, ниту може нешто да тврдиме, дека кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се појавил некој од овие синдроми. Но откако една година се труди да ја среди Македонија таа почна да ѝ дели лекции на Европската унија. Онака, професорски.
„Не сум шокирана, иако сум длабоко разочарана, особено од природата на некои амандмани, па и од дискусиите. Не сум шокирана бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата ЕУ. Но природата на амандманите покажа дека навистина, не само светот, туку и Европа и ЕУ имаат сериозен проблем со демократијата“, рече Сиљановска за Извештајот на Европскиот парламент.
Таа има легитимно право да каже дека е загрижена за степенот на демократијата во ЕУ. Ако нивото е таму паднато што, тогаш, ние би барале да возиме на „ѕидот на смртта“ каде што демократијата е во опасност.
Синдроми колку да сакате. Може да ги нарекувате како сакате, само за еден никако досега да се најде соодветно психолошко, психијатриско, социолошко објаснување. Тоа е македонскиот синдром. Од Стендаловиот се паѓа во халуцинации кои ги предизвикува убавината. Од Стокхолмскиот поради стравот за сопствената безбедност почнува сочувство и разбирање со грабнувачите. Какви халуцинации предизвикува македонскиот синдром?
Љупчо Поповски
Извор: dw.mk