Соопштение од Советот на амбасадори за Резолуцијата на Европскиот Парламент
Советот на амбасадори со особено внимание го следеше усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за земјата, во врска со извештаите на Европската комисија за 2023 и 2024 година, што се одржа на 9 јули 2025 година.
Јавната дискусија по усвојувањето на Резолуцијата, разбирливо се фокусираше на прашањата поврзани со македонскиот јазик и идентитет. Советот на амбасадори со неодобрување ја прими усвоената верзија на Резолуцијата и изразува длабоко жалење што од завршниот текст беа отстранети формулациите кои што претходно експлицитно ја реафирмираа европската потврда на македонскиот јазик и идентитет. Овие прашања се суштински за достоинството на македонскиот народ и чувствителни за пошироката јавност, и токму затоа нивното присуство во европските документи има важно значење.
Во овој контекст, Советот потсетува на членот 2 од Договорот за Европската Унија, кој утврдува дека „Унијата е основана врз вредностите на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права, вклучително и правата на лицата што припаѓаат на малцинства“. Врз овие темелни вредности, нашата земја ја гради својата определба за полноправно членство во Европската Унија – како рамноправна држава со сопствен идентитет и достоинство.
Истовремено, Советот нотира дека во Резолуцијата не се вклучени формулации што би го довеле под прашање статусот на македонскиот јазик – јазик кој одамна е кодифициран, признат и употребуван во сите релевантни меѓународни институции, вклучително и Обединетите нации и Европската Унија.
Советот, исто така, нагласува дека Резолуцијата ги нотира состојбите со реформите, институционалниот капацитет и владеењето на правото во земјата. Европскиот парламент, како наш партнер, упатува јасни и конструктивни забелешки и препораки во клучни области
– како што се борбата против корупцијата, зајакнување на независноста и ефикасноста на судството, деполитизирана и професионална јавна администрација, медиумските слободи, заштитата на човековите права, како и справувањето со дезинформации и корозивни влијанија. Овие прашања не се само дел од обврските на патот кон членство во Европската Унија, туку и предуслови за градење на праведна, демократска и економски просперитетна држава.
Советот на амбасадори смета дека националниот консензус треба и понтаму да ги опфаќа и прашањата поврзани со идентитетот и со суштинските реформи, бидејќи и двете се клучни за европската перспектива на државата.
Патот кон Европската Унија бара реални и одржливи реформи, засновани врз меѓупартиски дијалог, институционална отчетност и доследна примена на европските стандарди. Нивната доследна имплементација ќе ја зајакне довербата на граѓаните и ќе го одржи кредибилитетот на државата пред европските партнери.
ИЗВРШЕН ОДБОР НА СОВЕТОТ НА АМБАСАДОРИ