Што покажува профитната маржа за македонскиот бизнис во 2024 г.?

Сите се среќни во бизнисот кога растат приходите и продажбата, бележат високи износи на издадени фактури, ги прошируваат пазарите. Дали тие големи бројки на хартија навистина се претвораат во реален профит? Или, со други зборови, дали високите приходи навистина значат и високи добивки?

Анализата што ја изработи порталот Пари на профитната маржа – еден од најрелевантните показатели за здравјето и ефикасноста на една компанија – открива дека сликата не е секогаш толку едноставна. Во 2024 година, податоците покажуваат огромни разлики меѓу македонските компании, дури и кога станува збор за фирми од иста или слична дејност. Некои компании, со релативно умерени приходи, бележат фантастично високи профитни маржи, додека други, и покрај милионскиот обрт, имаат далеку помали бројки.

Зошто е тоа така? Одговорот лежи во различните деловни модели, степенот на оперативна ефикасност, ценовната политика, контролата на трошоците, но и во фактори како позицијата на пазарот и видот на производите или услугите.

Колку пониски се трошоците за производство, работа и администрација во однос на приходите, толку е повисока профитната маржа. Компании што нудат производи или услуги со висока додадена вредност (луксузни производи, специјализирани решенија, технологии) можат да наплаќаат повисоки цени и да имаат поголема маржа. Вообичаено, во сегментите трговија и прехрана маржата често е пониска, додека во информатичкиот сектор, фармација или осигурување е повисока.

Оваа анализа покажува кои се шампионите по профитна маржа во македонската економија. Банките не се вклучени во оваа анализа.

Нето-профитната маржа се пресметува како сооднос на нето-добивката во однос на вкупните приходи. Овој сооднос покажува колкав процент од вкупните приходи останува како чиста добивка по покривањето на сите трошоци – оперативни, финансиски, даноци и сл.

Во нашата анализа ги вкрстивме податоците за профитите и приходите на над 70 компании, обезбедени во соработка со Бизнис Мрежа.

Дефинитивно најголема профитна маржа имаат финансиските друштва, а на врвот во 2024 година е Изи фајнанс, со профитна маржа од 40 насто. Го следат Креди јес, ЕВН Македонија за услуги и Флекс кредит, со профитна маржа над 30 насто. Во корпоративниот свет, стапката на профитна маржа над 30 насто се смета за исклучително добра, односно покажува дека компанијата има висока оперативна ефикасност, силен производ или услуга со мала конкуренција, моќна контрола врз трошоците. Во споредба со 2023 година, Изи фајнанс и Флекс кредит речиси ја удвоиле профитната маржа, додека ЕВН Македонија е на исто ниво.

И профитна маржа над 20 насто се смета за висока, а со ова остварување во 2024 година може да се пофалат Цементарница Усје, Кредисимо и Финмак. Овие компании имаат минимални подобрувања или влошувања на профитната маржа во однос на претходната година.

Се смета дека компаниите со профитна маржа над 10 насто имаат прифатлива маржа, односно се движат во некој просек. А, на нашата листа има 19 компании чија профитна маржа во 2024 година е над 10 насто. Во оваа група, најголем раст на профитната маржа во 2024 г. во споредба со 2023 г. имаат Биотек, од 7,71 насто во 2023 г. на 18,06 насто во 2024 г., Те-То, од 1,57 насто на 16,87 насто, и Електродистрибуција, од 5,36 насто на 12,72 насто.

 

 

Останатите 47 компании имаат профитна маржа пониска од 10 насто, од кои дури 27 компании се под 5 насто, што се смета за ниско ниво на профитна маржа. Во оваа група, влошување во однос на 2023 година има кај Магна мирорс (од 14,76 насто на 9,54 насто), Бехтел Енка УК 2 (од 15,78 насто на 8,97 насто), Крмзов-МР (од 15,80 насто на 6,56 насто), Аурора турс (од 5,52 насто на 1,94 насто).

Подобрување на годишно ниво има кај Авицена (од 2,89 насто на 6,11 насто) и кај Иуте кредит (од 2,53 насто на 9,43 насто).

Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/sto-pokazuva-profitnata-marza-za-makedonskiot/

 

Back to top button
Close