Национализмот на вечната жртва
Од нација субјект - назад кон нација жртва
Човек соочен со бесмисла, со лудило патетично, но не се предава некако: се обидува да рационализира, да направи концепт, да објасни (или да се утеши) да му даде смисла на социјалниот контекст кој се урива во назадување, а нацијата плива во опијати на пропаганда и манипулација.
Владејачкото политичко лидерство и сериозното мнозинство кое го гласало официјално прокламира реакционерна политичка операција на враќање на почетоците, на сè одново во однос на македонската национална кауза? И дел од феноменологијата на таквиот популистички и националистички дискурс станува очигледен и редовен: секој политички пораз, дома и надвор да го претвора во некаква, само ним знајна, победа во борбата за истата таа кауза.
Македонците и Македонија се маргинална епизода и директен пример на некои од ваквите трендови кои се објаснуваат концепциски со главно две линии на кои ќе се задржиме, битно: не се исти ефектите по нациите и државите од овие распаѓачки, рeгресивни трендови. Некои држави добиваат шанси и време за опоравок и враќање кон нормалноста, а некои покомплицирано составени, помали и посиромашни се распаѓаат. Светот и векот сепак оди напред со или без нив.
Првата концепција е пад и губење на моралниот компас на нацијата, од индивидуален, групен до национален (А. Мекинтајер). Во државата поради разни причини: долгогодишна корупција, невладеење на правото и судскиот систем, дивеење на политичката неограничена моќ, осиромашување на нацијата постојано и во тренд – консеквентно се растура колективниот морал за она што треба да се прави, што е исправно да се прави, кој е будала, а кој нормален, кој е криминалец, а кој чесен, како нормално да се заработат пари за живот и што е правилно да се стори во тој живот, а што не. Колективната солидарност се руинира до крај и крикот на индивидуата, разулавена и оставена сама на себе во суров и див свет нема кој да го чуе. Остануваат само личните преференци на поединците и нивното снаоѓање како да се дојде до нив.
Единствен метод во таков случај за разрешување на социјалните противречности и конфронтации станува: силата и манипулацијата. Станува неважно и нормално ако некој каже: излегов од политика како средно богат бизнисмен (пошто му се може) …. Или ако државата краде од легалниот бизнис како и’ се ќефне и не му враќа данок кој законски му припаѓа …. Или ако гради каде сака оној кој може без документи и дозволи …. Или ако владата прогонува кого и’ се ќефне (бидејќи и’ се може) …. Итн.
Лидерството се цени по тоа колку може од своите партиски преференци да реализира наспроти отпорот на другите со слични преференци, а не од аспект дали е тоа легитимно, добро, легално или демократски.
Само така е објасниво (од еден аспект) дека политиката и нацијата може да тргне по лидер и лидерство со первертни лични преференци и манипулативни визии, националистички фантазии – кои во основа се анти-национални, лукративни и насилни. Нa таквите лидерства не им е потребно воопшто да владеат или носат одлуки за развој и благосостојба на граѓанството. Доволно ќе е на разулавените граѓани да им покажат кого треба да мразат и кој им е крив за положбата во која се.
Втората поопшта и посилна линија со која ваквиот тренд на назадување може да биде засилен, а во Македонија е базично овозможен е идеологијата на нацијата-жртва.
Нација-жртва е нација која се ‘пекмези’, се ‘пренемага’…..како сите и’ се криви за ситуацијата во која е, дека таа има право сега кога и е дојден моментот да се изживува со сè и сешто бидејки патела во минатото…., нема вистинска процена што и’ е прикладно и не знае да направи приоритети во својата политика на развој и позиционирање. Свртена е кон минатото кое го гради на фантазии за жртвување, на мртвите, на поразите кои се всушност во нејзината митологија некакви победи. Таква, станува роб на трендовите од минатото (кога немала држава ниту нација туку била народ во борба за нив), да се врати во состојбата на аморфна маса која наводно се бори за своето право но никако не се изборува и не знае како да се избори.
Кај овие нации кои се помали и посиромашни овој тренд може да биде смртоносен. Овој потег на враќање кон имагинарните, чисти корени за многу од малите нации е враќање кон не-битието.
Во Македонија сè ова е засилено со политичките традиции на отворени прашања со соседите околу признавање на македонската нација како автентична и македонскиот јазик како автохтон. Имено, околу идентитетот на Македонците.
Тоа го засилува до параноја и колективна хистерија чувството за неправда (кое е присутно и во меѓународните односи го има отпојќе), и омраза кон соседите или посебно некои од нив со развивање соодветни внатрешно конспиративни теории за предавства од внатре на либерание елити и сл будалаштини, кои престануваат да бидат тоа и стануваат национална трагедија при вака неспособна, а реакционерна политичка елита каква сега имаме.
Јан Блонски за Пољаците еднаш пишува: ‚‚…Бедните Пољаци загледани се во Гетото“. За Македонците истото тоа може да се каже за загледаноста во непризнавањето. Тоа за нив станува фетиш. Културата на меморија кај нас е заробена со таа повреда на македонството, која била историска од почетоците и од неа овие делови на Македонскиот народ и нивните политички елити не можат да се отргнат, да се излечат. Напротив, тие таа повреда и рамка ја земаат за своја основна мобилизациска парадигма од почетоците до денес. Од таму тие, заробени во качулката на жртвата на непризнавањето не можат да видат што е историски исчекор, направен од политичките елити на Македонците по стекнувањето на независноста на државата – кон еманципација на Македонците како европски народ. Уште помалку можат да конструираат алтернативи на засновање на државата на граѓанска еднаквост со Уставот од 1991, влез во ООН, Охридски договор, Преспански договор, можен договор со Бугарија и сл. Со овие фундаментални и акти постапно но дефинитивно се решава сè околу непризнавањето на идентитетот на Македонците и тие се ослободуваат од тој самонаметнат јарем кон слободна нација.
Иако се понадевавме дека оваа нова генерација на вмровци ќе извлече поинаква линија на политичка мобилизација од борбата на нацијата жртва тие, скандалозно и посебно неписмено, заглибија натаму подлабоко. Се заплеткаа во политика на регрес, понижување, нова изолација, бескрајни обвинувања други за состојбите на осиромашување додека државата се изложува на сериозна криза на распад.
Во кратко, идентитетот на Македонецот за вмровците од ваков маштаб е да биде непризнаен. Само непризнаен Македонец/ка е вистински Македонец/ка. Ако Македонецот/ка е признаен – тој е сомнителен карактер, бидејќи по дефиниција зад таа ујдурма на признавање стои некоја конспирација и предавство (по пат, правењето конспирации е инструмент на глупав човек со кој тој треба да изгледа паметен). Тие едноставно не можат да се снајдат со нормален, признаен Македонец/ка или процес на признавање кој ќе ја симне аурата на нација жртва од нас. Тоа ќе ја пресече смислата на постоење и регрутација кај овој вид политички елити. Од таму тие постојано ја рециклираат состојбата на непризнаеност или ако е напредната ја враќаат назад политиката на признавање на идентитетот на Македонците.
Ние се наоѓаме во токму таа состојба денес.
Не треба да се потцени перфомативната сила на афективната меморија која вмровците вештачки ја создаваат и негуваат кај своите Македонци. Тие создаваат тиранија на таквата фантазмагорична меморија на нацијата жртва блокирајќи ја секоја странична критика. Така се создава хегемонски наратив, една емоционална магма која го дроби националното битие на парченца споени со вмровски лепак. Нацијата во таква состојба е за жал на пониско ниво на развој од нивото на граѓанска држава пропишана со сопствениот Устав и е поблиску опишана со зборовите на својот Поет – како смачкано племе.
Ризикот на бивање во таква состојба го растура социјалното врзивно ткиво и врските на доверба на краток и среден рок. Систематското оневозможување на развојот на нацијата се враќа назад како жртвенички тажаленки на несигурните и изгубени луѓе, кои не можат да ги препознаат вредностите на квалитетното живеење и се приклонуваат кон митомански замисли за мината слава. Но тоа сè може да заврши во хорор на безбедносна криза која не може да се покрие со хистерична пропаганда, тоа едноставно станува прашање на денот.
Љубомир Д. Фрчкоски