Што научив од Оливера и Цане

Во време кога во Македонија најголем идол се парите, Македонците ја заборавија силата на писменоста и образованието како заштитници на македонскиот национален идентитет, која ја знаеја Оливера и Цане. Пишува Кица Колбе

Ги ословувам двајцата великани на македонската литертаура на толку фамилијарен начин, со Оливера и Цане, токму поради мојата бескрајна почит кон нив како автори, како личности. Велејќи Оливера и Цане сакам да покажам колку тие се дел од нас самите, од тоа што го нарекуваме национален идентитет и македонски јазик. Тие сиот живот го посветија на творештвото на македонски, а тоа за нас, нивните наследници, особено кога тие се писатели како мене, значи завет и верност на нивната визија за нас, Македонците. Секој ден учам од нив, и покрај нивното физичко отсуство.

Токму во деновите пред една недела, кога најголемиот број Македонци беа фрустрирани затоа што веруваа дека  Европскиот парламент   „го избришал македонскиот идентитет и македонскиот јазик”,  се разделивме од уште еден великан на македонската литература, од поетот Цане Андреевски. Пред осум месеци, во ноември 2024, се разделивме од најголемата македонска писателка,  Оливера Николова.Додека на социјалните мрежи и на сите новински портали се ширеше говорот во ЕП на младата словенечка европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, која храбро контрираше на негирањето на  македонскиот јазик  од страна на бугарските европратеници, јас размислував за тоа што Цане речиси пророчки го вели во едно интервју во 2007-та. „Не знам зошто се плашиме? Вистината е на наша страна.” Помислив дека им одговара на сите Македонци кои во моментот се во паника дека со бришењето на зборовите „македонски идентитет и македонски јазик” во извештајот на ЕП, некој небаре ги избришал и постоечките Македонци.

Зошто се плашиме?

А кога ќе го прочитате целото интервју од 2007-та, од размислите на Цане ќе сознаете дека нашиот македонски идентитет може најмногу да го загрозиме само ние самите. Со нашата кревка самосвест, со нашето паѓање во паника при првата кривина, со нашата подложност на теории на заговор. Со еден збор со нашиот (свесен или несвесен) страв дека не сме доволно храбри да се одбраниме самите себеси пред светот. Небаре му одговара токму на тој наш страв од Европа, од  ЕУ, од Западот, од светот воопшто, Цане Андреевски вели во 2007-та: „за жал, ние речиси ништо не правиме да му ја кажеме на светов нашата трагична вистина. Времето, состојбата, пројавите, плачат за една Бела книга за македонската судбина, книга која ќе се разнесе и ќе одекне во светот, (…) во заштита на оправданоста на нашето опстојување такви какви што сме биле и какви што можеме да бидеме во иднина, како дел од општочовечката заедница. Не треба да се протнуваме само низ бирократските канали на светската комуникација.“ Бирократски канали се и процедурите и извештаите во ЕУ. Цане Андреевски веруваше во мисијата и силата на творештвото, на зборот, на уметноста. И пред ЕУ! Затоа што бирократијата не е сета реалност во која е потврдено нашето постоење. Тоа е потврдено, пред се‘, во нашето духовно творештво.

Зошто тогаш се плашиме? Размислувајќи за овие мисли на Цане, ми стана јасно дека нашиот страв потекнува од нашата свест дека не сме во состојба самите да се одбраниме со нашите дарби, со нашиот дух и култура. Бидејќи немаме самодоверба. Бидејќи не знаеме како би се потврдиле пред светот со нив. А тие нешта се ликот на еден народ. Пред 18 години Цане вели дека „времето плаче“ за една голема книга во заштита на оправданоста на нашето опстојување“. Дали во меѓувреме ја напишавме таа книга за нас, Македонците? Секако, не ја напишавме! Како што се‘ помалку сме свесни со што најдобро би му докажале на светот кои сме и на кој јазик пишуваме. А најдобриот доказ за постоењето и посебноста на еден јазик е токму литературата. Генерацијата на Оливера и Цане совршено го оствари својот завет пред македонскиот јазик. Оставија зад себе маестрално дело. Обајцата имаа долго животно и творечко искуство, притоа припаѓаа на генерацијата на втемелувачите на македонската култура и просвета, а со тоа од првиот момент активно учествуваа по војната во историските процеси на формирањето на македонската држава. Прашањето е, зошто генерациите Македонци, кои во последните три децении требаше да го надградат делото на генерациите кои ги поставија темелите на македонската култура, не ја поседуваа истата јасна самосвест за тоа што самите можеме да сториме во заштита на  нашиот македонски идентитет, особено кога сме творци и интелектуалци?

Можеби затоа што во времињава во кои во  Македонија најголемиот идол се парите, Македонците ја заборавија силата на писменоста и обрзованието како заштитници на македонскиот национален идентитет. Таа сила ја знаеја Оливера и Цане.Во едно интервју од 2000-та, Оливера Николова истакнува дека литературата е единствената „што вистински не‘ одржува“. Ќе прашате, зошто токму литературата, нешто што се чини толку непотребно? Одговорот на Оливера е болно јасен. „Зашто да не беше таа литература, ќе не одвееја како пердув од ветер. Се открија оние стари наслојки на нашиот јазик, кои секојдневно ја потврдуваат неговата особеност.“ Оливера, како и Цане, веруваше дека книгите најдобро го заштитуваат македонскиот идентитет. Дури и пред долгогодишното негирање на македонскиот јазик од бугарската политика. „Имаме бугарски автори, не велам српски, зашто тие тоа одамна го признаа, кои тврдат дека не можат лесно да не‘ преведат. Тоа е најдобриот доказ дека јазиците ни се различни, иако се блиски, се разбира“, истакнува Оливера. Во своето слово на благодараност за наградата „Прозарт” во 2022-та, таа укажува на еден многу значаен аспект. „Денес, кога мојата земјa и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека, еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат подеднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме дека е тоа така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа?”

Дали навистина и ние, помладите современици на Оливера и Цане „без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото”? Да се преиспитаме! Ги чуваме ли и заштитуваме античките споменици на културата, како Скупи, Стоби или Хараклеја, за да му стане јасно на светот дека, исто како во Грција и Италија, и во Македонија има богато античко културно наследство? Дали ја знаеме силата на писменоста, на книгите, кога зградата на Универзитетската библиотека се распаѓа?  Дали македонските граѓани се самосвесни за посебноста на македонскиот јазик,  кога голем број македонски корисници на социјалните мрежи не го владеат македонскиот правопис? Кога не само возрасните, туку и децата во Македонија се‘ помалку читаат? А силата на литературата, на зборот и на писмото, според Оливера не‘ одржува како народ. Меѓутоа, колкумина, особено во македонската политика, се свесни за тоа?

Зошто тогаш чекаме некој во ЕП да ни го потврди македонскиот идентитет?

Цане Андреевски го знаеше одговорот. „Ми се чини дека многумина кај нас не сфаќаат каде бевме и каде стигнавме. И какви стигнавме“, вели тој во 2007-та. Тој потсетува на тажните искуства во своето детство најнапред во српското, а потоа во бугарското училиште. Затоа луѓето како Оливера и Цане беа до крајот на животот свесни за тоа колку е важно да се поседува своја македонска култура, уметност, литература и просвета. Да се поседуваат училишта, гимназии и универзитети на македонски. Ние мислиме дека тоа е најнормална работа, затоа што не го поседуваме нивното искуство од времето кога немало македонска држава. А што се случи кусо по прогласувањето на независноста на Македонија? Беше ли направен догорочен стратешки план за уште поинтензивен развој на македонската наука, уметност, образование, литература и култура воопшто? Секако, не!

Зошто тогаш чекаме некој во ЕП да ни го потврди македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кога дома самите ги деградиравме во безначаен сектор во државата сите нешта кои се израз на нашиот идентитет и јазик? Идентитетот не е патриотски патос, туку писменост, образование, литература и уметност. Да, токму литературата, веруваше Оливера, не‘ „одржува“ и не‘ брани како Македонци, затоа што таа е паметењето на секој народ. Затоа Цане веруваше уште пред речиси дваесет години дека е време за книга во која ќе ја раскажеме пред светот нашата „македонска приказна“, како што велеше уште еден македонски великан, Горан Стефановски. Нашиот Горан! Толку мал народ сме, што и великаните ги нарекуваме како да ни се роднини. По име, Оливера, Цане, Горан, Петре. Но зошто сме толку некадарни навистина да се однесуваме како заедница која умее во критични моменти да се обедини? Генерацијата на Оливера и Цане беше способна за тоа и затоа ги постави темелите на македонската државност. Што ќе сториме и што ќе спасиме ние, современите Македонци, зависи од нас самите.

 

Back to top button
Close