Германската царина откри 1.500 тарантули во слатки од Виетнам
Германските царински службеници пронајдоа околу 1.500 млади тарантули скриени во пластични садови во кутии со чоколадни бисквити. Пратката пристигнала од Виетнам на аеродромот Келн/Бон на 18 јуни 2025 година, а необичниот мирис довел до откривање на нелегален обид за увоз на егзотични животни, пишува Euronews.
Според официјалните информации на царината, царинските службеници се сомневале во содржината на пратката бидејќи мирисот што се ширел не одговарал на слатките што биле декларирани. Кутиите биле означени како седум килограми чоколадни бисквити, но внатре биле пронајдени илјадници мали пластични садови со тарантули.
„Моите колеги на аеродромот често се изненадени од содржината на забранетите пратки од целиот свет, но фактот дека пронајдоа околу 1.500 мали пластични садови со млади тарантули во оваа ги остави без зборови дури и најискусните“, рече Јенс Аланд, портпарол на царинската служба во Келн.
Многу не преживеале
Поради условите во кои биле транспортирани, голем број тарантули не го преживеале патувањето, што веројатно го прекрши германскиот закон за заштита на животните.
Преживеаните единки биле преземени од стручен тим кој ќе се грижи за нивното закрепнување и безбедност.
Ахланд го опиша целиот случај како „исклучителен“, но и „тажен, бидејќи покажува што некои луѓе се подготвени да им прават на животните за профит“. Во телефонски разговор, тој додаде дека пазарната вредност на конфискуваната пратка во моментов се проценува.
Покрената е кривична постапка против примачот на пратката, кој се наоѓа во регионот Зауерланд, под сомнение за избегнување царински давачки и непријавување увоз. Ваквите случаи на шверц на инсекти и други помали видови не се ретки во Европа.
Така, во мај, двајца белгиски тинејџери беа осудени во Кенија откако во нивната соба беа пронајдени 5.000 мравки. Потоа судот ги осуди на парична казна од 7.700 долари (6.775 евра) или една година затвор. Кениската служба за диви животни (KWS) соопшти дека случајот одразува промена во моделите на шверц од добро познати големи цицачи кон помалку познати, но еколошки важни видови.