Кубанската министерка за труд поднесе оставка по контроверзни изјави за сиромаштијата
Кубанската министерка за труд и социјално осигурување, Марта Елена Феито, поднесе оставка откако негираше дека на островот има питачи.
Во момент кога земјата минува низ длабока економска криза, таа увери дека таму има само луѓе „облечени како питачи“.
Феито предизвика незадоволство, а кубанските државни медиуми вчера јавија дека министерката „ги признала своите грешки и поднела оставка“. Барањето за нејзината оставка било анализирано од највисоките раководители на владејачката Комунистичка партија и владата, кои „се согласиле да ја ослободат“ од нејзината позиција поради „недостиг на објективност и сензитивност“.
Зборувајќи пред парламентарна комисија, Феито во понеделникот негираше дека луѓето кои пребаруваат во корпите за смет по улиците го прават тоа за да бараат храна. Таа исто така ги критикуваше уличните мијачи на ветробрански стакла на автомобили, обвинувајќи ги дека се стремат кон „лесен живот“.
– Гледаме луѓе кои изгледаат како питачи, но кога ќе ги погледнете нивните раце, кога ќе ја погледнете нивната облека, сфаќате дека тие се облечени како питачи, а не се питачи. Во Куба нема питачи, изјави Феито.
Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел вчера лично се обиде да го смири скандалот.
– Недостигот на чувствителност во пристапот кон ранливоста е многу сомнителен, напиша тој првично на Х. Потоа, на парламентарна седница, Дијас-Канел се осврна на случајот, нагласувајќи дека „никој од нас не може да се однесува арогантно, самозадоволно, отуѓено од реалностите во кои живееме“.
Тој призна дека „тие луѓе, кои понекогаш ги опишуваме како питачи или такви поврзани со питачење, всушност се конкретно олицетворение на социјалните нееднаквости и проблеми“ со кои се соочува Куба.
Сиромаштијата на островот се зголеми во последните години, а земјата е зафатена од длабока економска криза, поттикната од малото локално производство и заострувањето на американското ембарго од страна на претседателот Доналд Трамп.
Кубанскиот претседател не го користеше зборот „сиромашен“, претпочитајќи ги квалификациите „ранлив“ или „скитник“, кои властите вообичаено ги користат кога зборуваат за проблемот. Минатата година, 189.000 семејства и 350.000 луѓе, сметани за „ранливи“, искористиле програми за социјална помош на островот со население од 9,7 милиони луѓе, според податоците на владата.
Кубанската влада во понеделникот соопшти дека економијата на земјата се намалила во 2024 година за 1,1 проценти. За период од пет години, регистриран е пад од 11 отсто.