Собранието и Уставниот суд на потег, Владата предложи верските училишта да влезат во образовниот систем
Владата на вчерашната седница го усвоила текстот на законското решение за средно образование на верските заедници со кој им се отвора патот на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и на Средното исламско училиште Медреса „Иса Беј“ за влез во државниот образовен систем.
Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои учениците кои таму матурираат да можат да го продолжат своето образование на редовните државни или приватни универзитети во земјава.
Поттик за ваквиот потег на кабинетот на Мицкоски е притисокот предизвика од одлуката на Уставниот суд кој пред три месеци го укина одобрение за основање на Приватно средно училиште Медреса „Иса Беј“ донесена од техничката влада предводена од Талат Џафери.
Освен што одлуката според Уставниот суд е неуставна и незаконска, таа според јавноста беше оценета како политичка и провокативна бидејќи со неа беше опфатена само медресата на ИВЗ, а не и богословијата на МПЦ-ОА.
Инаку, темата од формален аспект е актуелна речиси две децении, а најчесто зад неа стои иницијатива на функционери од редовите на ДУИ. Конкретен предлог се појавува во 2019 година кога со ресорот образование раководи Арбер Адеми, а откако таа останува без епилог, во 2022 година како предлагач на речиси идентично законско решение се појавува пратеничката група на ДУИ. Таа жива идеја, во куса, еднострана, неуставна и незаконска реалност со својот потпис ја претвори премиерот Талат Џафери.
Сега предлог-законското решение во Собранието ќе го брани министерката Весна Јаневска, а уште вчера јавно го пофали вицепремиерот Изет Меџити, само што тој го нарекува „законот за Медресата Иса-Бег“. Според него, одлуката на Владата е историски чекор, не само за муслиманите, туку и за целото општество кое се стреми кон правда, инклузија и еднаквост, како и „победа за правото на образование, за нашето културно наследство и за почитувањето на верскиот плурализам во државата.“
„Оваа одлука го отвора патот за редовно и законско функционирање на важна образовна институција, која работи во согласност со државните и уставните стандарди за средно образование. Медресата ‘Иса Бег’, со седиште во Кондово и со ограноци во неколку града во земјата, ќе ја продолжи својата образовна мисија за новите генерации почитувајќи ги принципите на соживот, професионализам и еднаквост во образованието. Ова е важен чекор за консолидација на образовните и културните права и потврда на политичката волја за обезбедување решенија за прашања што директно ја засегаат заедницата“вели вицепремиерот Меџити.
Меѓу претходниот и актуелниот предлог има мали, но и важни разлики. На пример, за разлика од сега, се сметаше дека тие треба да бидат приватни јавни установи за средно образование на верски заедници со 55% гимназиско образование, 45% други предмети и програми кои ги одобрува ресорното министерство по мислење од Бирото за развој на образованието. Предлогот што е упатен до Собранието не го предвидува тоа.
Иако нема информации каков ќе биде ставот на пратениците, невладините организации веќе алармираа дека ова претставува опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование.
Мрежата за заштита од дискриминација уште откако нацрт-верзијата на предлог-законот за установите за средно образование на верските заедници се појави на ЕНЕР побара негово итно повлекување повикувајќи ја Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност.
„Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем“,сметаат од оваа организација.
Нејасно е каков ќе биде и ставот на Уставниот суд, ако се има предвид дека и во решението за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста, како и при донесувањето укинувачка одлука за основањето на Приватното средно училиште Медреса „Иса Беј“ образложува дека со давањето одобрение Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања.
Според Уставниот суд, одлуката не била во согласност со амандманот VII од Уставот според кој верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија, како и со членот 7 од Законот за средно образование се забранува верско организирање и дејствување и истакнување верски симболи во средните училишта.