Тужба за Владата: Жените земјоделки приморани да бараат субвенции за крава, трактор и бебе
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет ги тужат Министерството за здравство и Владата во граѓанскиот суд Скопје поради дискриминација врз жените земјоделки. Жените земјоделки во Македонија, поради неажурноста на Министерството за здравство кое не иницира измени на Законот за здравствено осигурување – не можат да добијат стандардни исплати за породилно отсуство и боледување. Наместо да бидат третирани како сите други жени, тие се приморани да аплицираат за овие надоместоци за породилно и за боледување индивидуално преку програма на Министерството за земјоделство. Ако им биде одобрено барањето и ако исполнат и други услови меѓу кои и тоа да имаат приход помал од 50 илјади денари месечно во домаќинството – тогаш добиваат надоместок за породилно и за боледување. Со тужбата се бара измена на Законот за здравствено осигурување и жените земјоделки да не аплицираат за надоместок за породилно отсуство како што аплицираат за субвенции за трактор и за крава, туку тоа право законски да им следува. Станува збор за 1050 жени земјоделки во целата држава од кои само дел ќе останат бремени така што финансиските импликации по буџетот се незначителни.
Дека од оваа програма нема фајде и дека таа не може да биде системско решение за решавање на основните права на жените земјоделки меѓу кои и тоа да станат мајки, покажува фактот што во 2023 година биле доставени 4 барања за породилно од жени земјоделки од кои само 1 било одобрено и жената земјоделка на која ѝ било одобрено барањето добила исплата од 100 илјади денари за сите 9 месеци во кои била бремена.
Во 2024 година, преку програмата од 6 поднесени барања за надоместок при породилно, одобрено било само едно, со уште помизерна сума од само 81 илјада денари а другите 5 жени земјоделки биле одбиени. Така владата успева да ги „заштеди“ парите од програмата за оваа намена, па ги алоцира за други потреби, а земјоделките остануваат ем финансиски нестабилни, ем мора да се враќаат на работа веднаш по породувањето наместо да им се посветат на своите новороденчиња.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека со сегашниот Закон за здравствено осигурување жените земјоделки се дискриминирани врз основа на пол, личен статус и припадност на маргинализирана група.
Дополнително, оттаму сметаат дека жените земјоделки според меѓународното право не смее да зависат од програма, туку треба да се осигурани со стабилен механизам – закон.
Наспроти препораките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Министерството за здравство не предлага измени на Законот за здравствено осигурување па затоа се соочува со тужба. Пратеничката група на „Левица“ подготви амандмани на оваа тема, ама измените не беа изгласани на пленарна седница од страна на мнозинството.